Home » Успешно претставување на Битолскиот театар на 44.издание на фестивалот во Врање

Успешно претставување на Битолскиот театар на 44.издание на фестивалот во Врање

by culturalchat

НУ. Народен театар Битола учествуваше на 44.издание на фестивалот ,,Борини театарски денови“ во Врање , Србија , со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ.  Претставата која беше изведена на шестата, последна натпреварувачка вечер на фестивалот, зборува за една или сите женски судбини, или за сите човечки судбини – како една жена го доживува својот живот како серија за неостварени бајки. Претставата во седум заплети и седум различни амбиенти се однесува на седумте инкарнации на хероината и седумте метаморфози на нејзиниот пасивен женски принцип.  Во битолската претстава играат: Сандра Грибовска – Илиевска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска-Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.По претставата се разговараше за оваа театарска продукција, па така драматургот Бојан Тасиќ беше модератор, а за претставата зборуваа актерките:Викторија Степановска Јанкуловска, Илина Чоревска и Сандра Грибовска.„Не беше првпат да работиме со Кокан. Пред пет години работевме на неговиот авторски проект Ноевата Македонија. Имавме одличен процес тогаш и нашиот директор го покани уште еднаш да дојде да работи со нас. Во текот на работата многу зборувавме за положбата на жената во општеството, за положбата на уметникот воопшто“, истакна Степановска Јанкуловска. На тоа Чоревска додаде: Претставата навистина не е бајка, тоа е повеќе анти-бајка. Кокан знае да прави такви работи, да ја измести реалноста, тоа е неговата специјалност во секој случај. Соработката со него е секогаш интересна, бидејќи ни отвора нови хоризонти на нас актерите, секогаш носи нешто ново. Секој пат ни се интересни процесите, бидејќи Кокан ја има таа неодолива театарска аура“.Актерката Сандра Грибовска Илиевска за улогите на малата сестра, Алиса, Снежана и Марика од претставата ја доби наградата за најдобра млада актерка, на 69-то по ред Стеријино Позорје во Нови Сад, Србија. На разговорот за претставата во Врање рече:

„Претставата Брод за кукли е бајка за возрасни. Но, како што кажавте, бајките навистина не се онакви какви што ги прави Дизни, тие повеќе служат за да ги подготват децата за светот на возрасните. Со оглед на ова време во кое живееме сега, и на нас возрасните ни треба некој да не подготви за светот и за сето она што моментално се случува во него. И затоа оваа бајка е бајка за возрасни“.

На еден начин во претставата е отворено прашањето за уметноста.

„Живееме во 21 век, кога дигитализацијата не обзема. Театарот е во криза, уметноста се доведува во прашање, затоа што младите се преоптоварени со конзумирање на премногу информации. Бајките и приспивните песни се убави, направени за деца, но животот не е таков – животот е суров, и никој не не учи на неговата суровост. Ова е, сосема едноставно, приказна за сите нас“, додава Сандра.Превод од српски и драматург: Билјана Крајчевска, сценограф: Валентин Светозарев, костимограф: Александра Пециќ – Младeновиќ, композитор: Димитар Андоновски, кореограф: Андреа Кулешевиќ, тон мајстор: Александар Димовски, светло мајстор: Игор Мицевски, видео проекции: Владимир Переловски, Филип Ошавков.

Фотографии: Битолски театар, портал Врање Њуз и фб страница на фестивалот„Борини театарски денови“

 

 

 

 

Related Articles