Се сеќавате на кучето кое беше пукано со сачмарка? Разнесена му беше долната вилица, да добро прочитавте, да знаеме дека сме 21.век, но…Пела, куче храброст, куче кое се избори и преживеа, за разлика од многу други кои завршуваат отруени, измачени, убиени по улиците. Токму на Денот на докторите по ветеринарна медицина, убава вест од Ветеринарната клиника Animal care clinic во Битола чиј тим е заслужен за преживувањето на Пела, (изведоа реконструктивна хирургија на долната вилица), заедно со здружението Animal voice и жената која ја храни и ја најде повредена.Пела не по своја вина остана на улица, не по своја вина сака да живее на улица и не по своја вина сака да живее осакатена.
„Колку сме горди на тоа што и овозможивме и понатаму да живее со инвалидитет толку сме и тажни поради тоа што остана без вилица, но сепак ќе живее сеќавајки се на монструмот кој ја остави саката за цел живот“, истакнуваат од клиниката. Пријателите на Пела ги нема, најверојатно и тие се убиени, а таа успеала некако да избега.
Здружението собираше донации и благодарение на хуманите граѓани (да сепак ги има), се собраа доволно средства за кратко време.
„Во шок е, нејзината операција ќе биде од 12.000-18.000мкд, исто и ветеринарните трошоци ќе бидат високи, тестови и сместување, трошоците ќе бидат од прилика 30.000мкд за сите третмани и операцијата“, напишаа тие во соопштението.Па така Пела полека почна се повеќе да стекнува доверба, во ветеринарите кои ја хранеа и се грижеа за неа. Токму на Велигден таа доби втора шанса за живот.
„ Пела ви посакува среќен празник и е бескрајно благодарна за вашата неверојатна поддршка – за донациите, споделувањето, ширењето на нејзината приказна и за вашите молитви“, додаваат од здружението. Благодарение на поддршката на граѓаните, се собраа над 78.000мкд за неа, плус 24.000мкд од партнерот на Animal voice, Stichting Jenna’s Gift. Со сето тоа ќе ги покријат сите нејзини долгови за операцијата, терапиите, медицинската храна и сè што ѝ е и ќе ѝ биде потребно.
„Остатокот од парите, ќе ги искористиме за други итни случаи, за нејзин транспорт ако оди во странство и трошоците за подготовка, или ако некој сака донацијата да му се врати – нека ни пише“, велат од Animal voice. Се заблагодарија и на клиниката:
„Од срце сакаме да се заблагодариме на Ветеринарна клиника Animal care clinic за нивниот труд, грижата и тоа што веднаш ја прифатија како итен случај сред ноќ. Затоа секогаш работиме со нив – затоа што се совршен тим и најдоброто место во нашата земја каде што ги спасуваат најтешките случаи и нудат најдобра можна услуга. Тие знаат како да спасат живот – БЛАГОДАРИМЕ“.
Пела ќе живее среќен живот, Пела ќе биде принцеза, а тој што го направи ова морничаво дело, се надеваме ќе ја добие заслужената казна.
„Ќе ве известуваме за нашата девојка, ви благодариме, и ве молиме продолжете да ги поддржувате бездомните животни, затоа што вие сте нивната единствена шанса да се извлечат од смртта“, апелираат од здружението. Пела ќе се храни исклучиво со течна храна бидеќи преголем дел на коски и мускули недостасуваат. Моментално се опоравува, ќе се храни преку сонда (директно поврзана до желудникот) додека се опорави и почне сама да се храни.