Последните години многу луѓе се одлучуваат градскиот живот да го заменат со оној во приградските региони или на село. Здрава храна, чист воздух, но пред се мир, е она првичното заради што луѓето се одлучуваат на овој чекор.Еден од нашите македонски актери, Сашо Ристовски, веќе некое време својот мир го наоѓа токму надвор од градот, во селото Теово, каде одгледува и органска храна. Како се одлучивте за животот на село?
С.Р.-Конечната преселба во село ќе ја направам малку подоцна во животот. Но, таа одлука дека целосно ќе се преселам ми е веќе донесена многу одамна иако во моментот сум на релација Скопје – с.Теово дури и неколку пати во неделата. Тоа ме прави среќен. Живеам на две позиции кои се дијаметрално различни во целост. Убаво ми е така и се чувствувам по среќен.Секој слободен миг сум таму. Градскиот метеж кога е непотребно не треба да се трпи.
Што е различно со животот во град?
С.Р.-Многу нешта се различни. Прво што за мене е многу важно, тоа е мирниот начин на живот, чистата животна средина и изворот на позитивната енергија. Иако сеуште морам по потреба на својата професија да бидам по некој ден во градот, каде темпото на живеење станува многу напорно, брзо и некако сето тоа исцрпува беспотребно, во село е нешто друго, особено во моето село Теово кое е пример за многу села. Опкружено со преубава природа, река Бабуна, која е само на неколку метри од нашиот двор, најстариот Јавор во државата, вибрациите на позитивната енергија од природата, сето тоа тоа дава мир и спокој кој е потребен во ова време – невреме за секој човек, особено за нас кои се занимаваме со јавна професија. Со текот на годините созреваме и мора да сватиме дека нашите корени и огништа на нашите предци мора да се живи. Мојата љубов кон селото е од детските денови, секогаш одев таму додека беше мојата баба жива заедно со моите родители. Сега продолжив да сум поинтезивно таму, бидејќи моите родители по своето пензионирање ја направија најпаметната одлука да се преселат целосно во село, а јас на тоа ја давам максималната поддршка па сега може човек повеќе да ме сретне таму од колку во Скопје. Важно е што луѓето конечно разбраа колку е важен мирот во животот и благодетите кои ги нуди селото. Не е среќата само во градот, среќата е таму каде што ти е убаво.Таму ми е убаво, бидејќи се чувствувам по смирено, но и многу креативно. Убаво ми е да сум далеку од градот.Ни кажавте дека сте љубител на животните и чувате 80 кокошки, што друго?
С.Р.- Таа љубов кон животните ми е од дете. Животните се најголемиот и најискрениот пријател на човекот. Ако ме прашате кое животно ми е омилено, неможам да одвојам. Ги сакам сите. Да, ние фамилијарно започнавме да чуваме кокошки, започнавме со многу малку сега веќе имаме 80 тина, но и мали пиленца кои ги имаме секоја година. Нив ги одгледуваме и во нив вложуваме максимално. Иклучиво ги храниме со пченка, пченица, јачмен…не користиме концентрати бидејќи производот, јајцата од нив со ваква храна се високо квалитетни, впрочем и тоа го потврдуваат луѓето кои си купуваат од нашите кокошки јајца. Станува збор за сортни кокошки кои се исклучително квалитетни, разни врсти убавина за душата. Се грижиме да живеат квалитетно, да се здрави и нивната здравствена состојба секогаш е на високо ниво. Се надевам дека ќе продолжиме фамилијарно да расте бројот, но многу наскоро ќе имаме и пауни кои со нетрпение ги очекувам. Покрај нив нашиот двор го красат повеќе мачиња кои имаат свои имиња. Животните треба да се чуваат, да им се обезбедат услови за живот, бидејќи ви го разубавуваат животот. Се надевам дека ќе имаме уште повеќе видови, но пополека. Пред се треба да им создадете услови.Каков е предизвикот да се живее на село?
С.Р.-Тоа е благодет. Тоа е среќа да имаш имот на село и истиот да го сочуваш. Многумина пред години ги напуштаа селата, но разбраа дека згрешиле па повторно се вратија. Ги обновија своите стари куќи, но и со нив дојдоа и се доселија и луѓе кои си купија имоти и си направија викендици. Некои пак дури се исмејуваа еден период дека сум љубител на село, но подоцна сфатија дека се во голема заблуда. Среќен сум што особено моето село Теово е живо село, урбанизирано, ги има сите услови за живот, но треба уште да се вложува во него и во сите села. Тоа што ти го нуди селото, го нема во градот. Затоа локалните власти, но и секоја централна власт мора да зема пример од Европските земји како се вложува во селата и како се мотивираат луѓето да останат да живеат таму. Многу малку треба секоја година по година и да имаме прекрасни села кои ќе ја отсликуваат нашата традиција и историја на светската мапа и при тоа ќе бидат секогаш полни со народ. Селата изобилуваат со многу култура, историја и традиции, затоа мора многу влог во нив и сонувам за денот кога селскиот туризам ќе дојде на пиедесталот. Среќен сум што избрав да сум повеќе во село, а далеку од градот. Го имам конечно мирот. Комплетно можеш да живееш и функционираш и да ги завршуваш сите обврски преку интернет комуникација, но за настапи, проби и изведби сепак мора да одвоиш денови кога ќе си во градот.Но, одгледувате и органска храна. Да проговориме и за тоа.
С.Р.-Тоа е една посебна радост за мене. Таа љубов ми ја всади мојата баба која секогаш имаше секаков вид на зеленчук и овошје. Јас уште како дете стоев до неа и ме интересираше тоа. Сега веќе е моја пасија, заедно со моите родители имаме се од овошје и зеленчук. Се радувам кога почнуваат пролетните подготовки, садењето и целиот процес на добивање на здрав производ. Во ова денешно време кога сме изложени на храна која е со сомнителни потекла, нема поубаво да имате свое домашно производство. Тоа за мене е гордост, а не срам. Да имаш свој зеленчук и овошје е благодет. Ќе продолжам и понатаму, бидејќи така сум одлучил и кој пробал знае дека од домашно нема ништо поубаво. Многу малку знаат луѓето дека исклучително ме интересира производството на здрава и домашна храна и кога ќе ме видат во такво издание некако се зачудени. Но едноставно и ние актерите покрај нашата професија знаеме и можеме да работиме и други нешта.
Ви се подобри ли здравјето и општо начинот на живот таму?
С.Р.-Апсолутно да. Видете кога сум таму јас се чувствувам поинаку. Смирено, исполнето, спокојно…велам секогаш, тоа е најважно денес. Штом го имате тоа имате здравје. Стресот, брзиот начин на живот, трката за се нешто и некоја заблуда за некаков меѓусебен човечки натпревар ти го вложува и физичкото и менталното здравје. Чуму трка? Што од тоа? За секого има место под сонцето, на сцената, општо во животот. Едноставно таму опкружувањето е друго, ноќите се тивки и те оставаат долго да размислуваш и да носиш трезвени одлуки. Дишеш чист воздух, јадеш исклучиво здрава храна…Се допринесува за подобро здравје.Ова лето често настапувате со Вашата екипа Театар Хит. Ќе има време за одмор?
С.Р.-Апсолутно дека има. Ние еднаш или два пати во седмицата сме на гостување во секој град кој ќе не покани, а организира културни настани, но и сме учесници цело лето во проектот ,,За сите деца” кој е поддржан од Општина Охрид. Упатувам благодарност до многу градоначалници кои едноставно имаат слух за културната програма за деца која е особено важна во овој виртуелен и опасен свет за нив. Веќе сме на половина лето и половина од нашата летна програма е реализирана. Следуваат уште изведби кои веќе се договорено, но во тек се и преговори со уште општини за наши гостувања на нивните културни манифестации.