Со доделување на наградите Жолт чадор, свечено беше затворено 8-то по ред издание на Интернационалниот филмски фестивал „Балканска панорама“ во измирската општина Буча, Турција. Овој фестивал кој во својот советодавен одбор има уметници како Милчо Манчевски, Раде Шербеџија и легендата на турскиот театар Едиз Хун, се фокусира на балканското филмско остварување. Унгарија бешее годинешната земја во фокус, а присуствуваа филмски уметници од балканскиот регион.
„Балканска панорама“ е мост на соработка на поле на филмската уметност помеѓу Турција и Балканот. Основач и директор на фестивалот е Сали Салини кој на манифестацијата истакна дека е среќен што и ова издание помина во најдобар ред, дел од учесниците си заминуваат дома со награди и се надева на уште долги години успешна соработка со сите.
Во интернационална категорија за краток филм на 8.издание на филмскиот фестивал Балкан панорама, наградата за најдобар филм ја понесе македонскиот „Проблемот на Тина“, во режија на Радован Петровиќ. Во истиот играат: Душица Настова, Жаклина Стефковска, Јордан Симонов, Тамара Ристоска, Емилија Мицевска-Трајковиќ. Продуцент на филмот е Роберт Насков.
Режисерот Петровиќ беше лично присутен на фестивалот и ја подигна наградата.
„ Чувството е одлично, голема чест и привилегија е да се добие награда, а и пред се за мене е големо задоволството филмот да може да го гледа турската публика. Јас со самото тоа веќе сум задоволен, а со тоа што жирито се одлучи нам да ни даде награда, сум пресреќен“, ни изјави Петровиќ.
Членови на жири беа режисерката Севги Хиршхаусер, актерот Инанч Конукчу и актерот Турул Тулек.
„ Уште од самиот почеток ни беше јасно дека овој филм е посебен. Одлуката беше лесна затоа што сите членови на жирито бевме на исто мислење.Убаво раскажана приказна која допре до сите нас“, рече Конукчу.
Покрај него македонската актерка Наташа Петровиќ за улогата во филмот „Хомо“ на Игор Иванов, во интернационалната категорија ја понесе улогата за најдобра актерка. Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“ и е дел од широка копродукција со Косово, Бугарија и Хрватска. Во име на актерката Петровиќ наградата ја подигна продуцентот Томи Салковски.
Членови на жири во оваа категорија беа: македонскиот актер Мето Јовановски, филмскиот режисер и професор од Црна Гора, Никола Вукчевиќ и актерот Феџа Штукан.
„ Јас ја знам Наташа од пред 15 години кога заедно работевме на филмот As if i am not there, и ова што го видов во новиот филм, мое образложение беше дека тоа е едно прецизно посветено актерско остварување, одлично разбирање на ликот. Знам каков е процесот да се дојде до тоа, бев позитивно шокиран од нејзината актерска игра”, истакна Штукан.
Од друга страна Вукчевиќ рече:
„ Ние ги гледавме сите филмови и имаше совршени женски ликови. Улогата на Нашата не е најголема во филмот и кога таа актерка ќе добие награда за најдобра женска улога, може да замислите колку таа се издвојува од останатите.Позитивен исчекор во едно актерско остварување . И ја честитам наградата на Наташа и одржа една убава лекција“.
За најдобар филм во оваа категорија беше прогласен босанскиот „Така да не остане жива“, на режисерот Фарук Лончаревиќ, а за најдобар режисер Срџан Драгојевиќ за филмот од кој дел е сниман во Македонија „Небеса“.
Официјалната награда „Жолт чадор“, беше доделена во 11 категории.
На свеченото затворање присутни беа бројни гости претставници на дипломатскиот кор во земјата, министерствата и општините, филмски институти. На доајенот на македонската театарска и филмска уметност, Мето Јовановски на годинешното издание на фестивалот , на самото отварање, му беше доделено признанието „Почесен гостин на фестивалот“ за допринос кон филмската уметност . Во негова чест на повеќе локации се прикажуваше филмот „Тетовирање“.
Во Измир за првпат беа прикажани македонските филмови: Врба (Милчо Манчевски), Сведокот (Митко Панов), Дедо и внук (Илија Пиперкоски), Манаки: Приказна во слики (Роберт Јанкулоски).
Фестивалот е во организација на oпштина Буча, поддржан од Министерството за култура и туризам на Турција и општина Измир, а се одржуваше од 21-27 мaj.