Home » Трансформација на сетилата: Свечено отворено јубилејното Охридско лето 

Трансформација на сетилата: Свечено отворено јубилејното Охридско лето 

by culturalchat

Под ѕвезденото небо на Охрид свечено беше отворена јубилејната 65-та страница од највеличествената културна сага на Македонија – „Охридско лето“. Годинава, под мотото „Трансформација на сетилата“, со настапот на Клер Хуангчи, диригентот Едвин Оутвотер, Македонската филхармонија и визуелната магија на Рафаел Карико – отворањето беше повеќе од концерт: вистински аудиовизуелен спектакл.Диригентот Аутвотер, е познат по неговите иновативни проекти и соработки со имиња како „Металика“ и Стинг, извонредната Клер Хуангчи, публиката ја слави по нејзината виртуозност и драматичен израз, што го докажа и на Охридско лето, а сето тоа со поддршката на Филхармонијата првата фестивалска ноќ ги отвори вратите за трансформација на сетилата. Присутни беа голем број јавни личности, меѓу нив претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Албанија Бајрам Бегај, претседателот на Владата на РМ, Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претставници на дипломатскиот кор, како и вљубеници во културата и уметноста.Свеченото отворање беше проследено со интонирање на фестивалската химна и палење на фестивалскиот оган.

„ Фестивалот „Охридско лето” прераснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното! Од двата брега на Охридското Езеро, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.
Шеесет и пет години „Охридско лето” е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар.Да ги отвориме срцата, да и дозволиме на уметноста да не зароби и да не преобрази, да и се препуштиме на новата фестивалска идила, на јубилејбото 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која го прогласи фестивалот за отворен.„ Ова не е само фестивал ова е духовен завет, жива врска помеѓу минатото и иднината меѓу сјајот на Охрид како вечна духовна претстолнина и негова модерна европска културна виталност. Овде уметноста не се изведува – таа се случува, се памети и се вградува во нашата колективна културна меморија“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.„Под мотото „Уметноста транформира“ годинава создаваме една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековната традиција на Фестивалот“, рече директорот на „Охридско лето“, Ѓор­ѓи Цуцковски, посочувајќи дека мисијата на фестивалот е да сплотува, да инспира и транформира. Уметничката порака ја пренесе актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски, кој истакна дека честа да се отвори фестивал како што е „Охридско лето“ е чин на пркос во свет каде се се мери, едноставно уметноста неможе.„Вечерва не ја славиме уметноста затоа што мислиме дека е најважна, туку затоа што е неопходна“, додаде Јолевски. Од Филхармонијата истакнаа:

„Горди сме како институција и на оваа прекрасна сплотеност со најстариот културен фестивал во земјава, којшто ја воспева уметноста децении наназад на највисоко ниво – ФЕСТИВАЛ којшто гради мостови за мир и убавина.
Неизмерно се заблагодаруваме на прекрасната соработка со директорот Ѓорѓи Цуцковски, со кој заедно успеавме да направиме концерт кој навистина ги трансформираше сетилата, на Симона Ѓорчева, селекторката на музичкиот дел на фестивалот и секако, на претседателката Гордана Силјановска Давкова како покровител. Се надеваме на уште многу идни вакви синергии меѓу институциите, затоа што со заедничко делување сме посилни.
Посакуваме успешно фестивалско издание“.За посебното уметничко доживување, музичко-визуелно патување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии, беше задолжен дизајнерот Рафаел Карико. Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова и со поддршка на Министерството за култура, Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот.

 

 

Related Articles