По повод Денот на независноста на Македонија , спелео нуркачкиот клуб Врело, го одржа традиционалното нуркање со македонското знаме, во подводната пештера Врело на Матка. Во овој настан учествуваа Гоце Димитриевски, Слободанка Јакимовска, Валентина Петрушевска, Благица Спасева, Бардо Христијан, Весна Кираџиева, Иван Спиридоновски, Игор Трајаноски.
Главната мисија на клубот е истражување и заштита на водите во Република Македонија. Ова допринесува и за развојот на овој вид на туризам и промовирањето на домашните пештерски убавини кои се многу атрактивни за светски признаените спелеонуркачи и спелеолози. Пештерата се наоѓа во кањонот Матка, во близина на Скопје, кој може да се пофали со 1.000 растителни видови, од кои 20% се ендемични, како и разни пеперутки кои не се пронајдени никаде на друго место во Европа.
Клубот е член на Спелеолошката Федерација на Македонија, Сојузот на планинарски спортови, GUWAA – Global underwater awareness association. Инаку пред неколку години светски познатиот спелеолошки нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска, во соработка со нуркачите од овој клуб, го собори рекордот во длабочина и се спушти 240 метри во подводната пештера Врело на Матка.