Претставата „Торонто Експрес“, на Фестивалот на монодрама ги насмеа многубројните присутни во салата. Оваа претстава на МНТ Скопје, е на авторот Зоран Спасов, во режија на Јордан Симонов, а во изведба на актерот Александар Микиќ.
Претставата го опишува обидот да се види Канада со македонски очи, но и да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија. Зошто луѓето сакаат да си заминат од Македонија и да избегаат во Канада е едно од главните прашања што ги отвора претставата.
Сè што е напишано во книгата навистина се случило, независно дали тоа се авторовите или случки на блиски пријатели. Претставата е работена според истоимената книга што се состои од кратки есеи и 20-ина раскази. Идејата за да се постави ова литературно дело на сцената на МНТ е токму на актерот Микиќ.
Во период кога планирале да работат нешто друго, но пандемијата на коронавирусот им ги сменила плановите, режисерот Јордан Симонов го прифатил предлогот на актерот Микиќ.
„Торонто Експрес” е агенција за имиграција за помош во Канада. Целта на операцијата е да се регрутираат сите Македонци, со цел тие колективно да се преселат во ветената земја. Со агенцијата раководи генералниот директор Јордан Симонов, кој е светски познат експерт да ве убеди да го напуштите родното огниште и да заминете во белиот свет. Програмата и презентацијата ги подготви Зоран Спасов Џоф, претседател на одборот на Македонската заедница. Во замена за оправдано отсутниот водител Митре Стрелата, оваа мисија во последен момент му беше доделена на Александар Микиќ – водител без искуство.
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски