На иницијатива на Фондацијата Кабаков, од 16 – 19 мај во Солун, Р. Грција се реализираше проектот The Ship Of Tolerance. Во голема конкуренција на ученици од цел свет, учениците од 5 одд. од Државното музичко училиште, Теона Буџаковска и Јане Петровски беа избрани да земат учество во проектот како пијано дуо. Тие се под менторство на проф.м-р Марија Шамоска Буџаковски. Битола и училиштето ги претставија на високо ниво, а настапот беше испратен со овации од страна на публиката.
Јане во Музичкото училиште учи пијано во класата на професорката Марија Шамоска Буџаковски, како дуо се под нејзино менторство, а Теона е во класата на проф.м-р Јана Четелева Белевска.
Јане учи во ОУ. “Коле Канински”, а Теона во ОУ” Елпида Караманди”. И двајцата се одлични ученици и истакнуваат дека за да имаш успех и во двете училишта, ДМУ и основните училишта во кои учат, треба навистина да се оддели време и да се посвети внимание, но ако нештото се сака од срце, ништо не е тешко и невозможно. Тие изјавуваат дека заедничкото музицирање им овозможува и многу дружење и пријателство, па затоа обожаваат да свират заедно.
Јане и Теона се веќе препознатливи како пијано дуо . Тие минатата година на меѓународниот натпревар Angel Voice Classic, освоија специјална награда од 100 поени, беа прогласени за лауреати на натпреварот, а добија и специјална награда од фондацијата “Thalia Art Development”.Претходно ги добија наградите: прва награда на меѓународниот он лајн натпревар “Сирмиум фест” во Р. Србија, како и специјална награда 100 поени на меѓународниот натпревар “Пијанофест” – Битола.
Проектот во Солун е формиран со цел да ги едуцира и поврзе младите од различни континенти, култури и идентитети преку јазикот на уметноста, со порака за љубов и почит во светот. Посебна благодарност професорката Шамоска Буџаковски упати кон Камелија Колевска и Панда Зографска Беличанец, за помошта да се реализира ова гостување во Солун, како и до организаторите на настанот.
Мисијата на Бродот на толеранцијата е да ги едуцира и поврзува младите од различни континенти, култури и идентитети преку јазикот на уметноста.Едрата на бродот се споени од слики на стотици локални ученици со различни етничко и социјално потекло кои пренесуваат порака за толеранција и надеж. Со учество во создавањето на овој брод, децата учат за почитување на различни култури и идеи, а истовремено ќе ги ценат како тие се разликуваат од нивните. Накратко, преку овој креативен процес, тие покажуваат и добиваат енергична лекција за толеранција.Претходните настани беа одржани во: Египет; Италија; Швајцарија; ОАЕ; Мајами, Флорида, САД; Хавана, Куба; Њујорк, Москва, Швајцарија; Капалбио, Италија и Рим, Италија.