На летната сцена на Факултетот за драмски уметности – Скопје, се одржа промоција на книгата „Театарски белешки“ на режисерот и професор Владо Цветановски. Книгата, која е во издание на ФДУ, ја приредија Јелена Цветановска и Андреј Цветановски, а дизајнот е на Сергеј Светозарев. Театарските белешки се избор на ракописи од Дневникот на Владо Цветановски, во кој се втиснати неговите размисли, слики и емоции кои го пресретнувале во потрагата по театарската вистина. Тие овозможуваат продлабочен увид во дел од богатиот творечки опус на Владо Цветановски и неговите истражувања на театарскиот јазик. Во таа смисла, книгата е значајна и за проучувања на македонската театрологија, како и за историјата на македонскиот театар. Едновремено, белешките, навлегувајќи во сите фази од создавањето на театарската претстава, претставуваат и своевиден патоказ за студентите по театарска уметност, кој може да им биде од полза во процесот на подготвување за нивните професии во областа на театарот.
Книгата ја промовираа проф. Мими Таневска-Србиновска, декан на ФДУ и ликовниот уметник и сценограф, Владо Ѓорески-Рафик, кои се автори на предговорот и поговорот на „Театарски белешки“.
На промоцијата, извадоци од книгата читаше актерот Дамјан Цветановски, а беше прикажан и документарниот филм за Владо Цветановски, во режија на Андреј Цветановски. Се работи за документарниот филм „Животиште“. Проекцијата на документарецот беше реализирана во Битолскиот театар затоа што токму на оваа сцена Владо Цветановски поставил 12 театарски претстави и е длабоко поврзан со оваа куќа. Насловот на документарниот филм „Животиште“ бил избран според најчестата изрека на режисерот Владо Цветановски.
Владо Цветановски (1959-2012) дипломирал интермедијална режија на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на проф. Боро Драшковиќ. Долги години работел како професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности-Скопје. Има режирано околу педесет претстави во македонските театри и на просторите на поранешна Југославија – во Белград, Нови Сад, Сараево, но, и во Софијја, Париз, Петроград, Каиро, Кан.. Неговите претстави учествувале на сите позначајни фестивали (Стеријино позорје, МЕСС, Војдан Чернодрински, Ристо Шишков), каде има освоено бројни награди. Се занимавал и со филмска режија. Во продукција на МРТ има реализирано неколку документарни филмови посветени на македонските традиционални обележја, а режисер е и на играниот филм „Тајната книга“, кој е прикажан на повеќе меѓународни филмски фестивали.