Театарската пиеса „Сам против сите“ ќе биде изведена во Битола, во Центарот за култура, на 7.12, во малата сала со почеток од 19 часот.
Автор на текстот е драматургот Огнен Неделковски, режисер е Сашо Ристовски, а музиката е дело на младиот композитор Филип Неделковски. Во претставата играт Магдалена Ризова – Черних и Сашо Ристовски, како и младиот и талентиран актер Димитрие Марковски.
Темата на оваа пиеса е борбата против анксиозноста и депресијата. Лекот за нив се наоѓа во секој од нас, само треба да го најдеме. Целта на „САМ ПРОТИВ СИТЕ“ е да им помогне на сите луѓе да се погледнат во огледало, да се соочат со своите стравови и да се изборат за своето место под сонцето. Анксиозноста и депресијата се најсериозни болести и најголеми непријатели на луѓето во 21-от век. Тие не бираат возраст, пол, вера или националност. Во секоја личност наоѓаат плодна почва и напаѓаат. Траат долго и полека, но сигурно ги уништуваат луѓето, праќајќи ги своите војници – разните видови страв.
„САМ ПРОТИВ СИТЕ“ има за цел да ги отвори сите прашања поврзани за анксиозноста и депресијата, кои со години се кријат под тепих и за кои луѓето не сакаат да зборуваат. Преку три индивидуални човечки приказни и судбини, авторите на овој проект ќе ги откријат дел од причините за појавување на анксиозноста, ќе понудат разни начини за соочување и борба со оваа болест и секој од нив ќе излезе како победник со својот невидлив непријател.