Во рамките на Шекспир фестивалот во Битола беше изведена танцовата претстава „Лејди Магбет“, во кореографија на Рисима Рисимкин, продукција на Скопје танцовиот театар- Интерарт културен центар. Претставата е инспирирана од Шекспировата драма „Магбет“.
Музиката е на композиторот Тони Китановски, сценографијата е на Матеа Мијановиќ, а костимите се на Благој Мицевски.
Во насловната улога како Лејди Магбет настапува Анастасија Данчевска, а во улогата на Магбет Дејан Битровски. Вештерка или алтер его на Лејди Магбет е Бобан Русески, Вештерка или алтер его на Магбет е Сара Цветковска. Во улогите на Вештерки настапуваат Моника Шолевска, Клара Христовска, Стефани Шааршмит, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова и Ангела Петревска, од Катедрата за танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Асистент-репетитор на претставата е Адријана Данчевска.
„Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин се занимава со психолошкиот профил на насловниот лик. Тоа е интимна историја, слики и скици за дилемите на
постоењето. Главниот лик е Лејди Магбет, која игра клучна улога во доаѓањето на нејзиниот сопруг на власт. Преку психолошка анализа на нејзиниот лик, прикажана е борбата за моќ и контрола, како и нејзиното лудило, поради неможноста да се справи со направеното.
Рисима Рисимкин е една од водечките македонски кореографи, уметнички директор на Танц фест Скопје и Скопје танцовиот театар, како и редовен професор д-р, декан на Филмската акдемија, Катедрата за современ танц, при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Рисимкин е основач на Интерарт културниот центар (1996), има направено преку четириесет авторски проекти, кои гостувале во САД, Европа и Азија. Во 2012 година учествуваше на Културната олимпијада во Лондон со кореографијата за претставата Анри, VI на Народен театар Битола, Македонија, за програмата „Глоуб то Глоуб“ на Театар Глоуб.
Скопје танцовиот театар во 2022 година оствари историско гостување со претставата „Идентитети- Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, на една од најпрестижните светски сцени, Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција. Француската критика претставата ја наслови како „брилијантна претстава на авангарден кореограф (Рисима Рисимкин). Сите изведби на претставата беа проследени со овации.
Скопје танцовиот театар е првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар, во изминативе десет години има остварено преку 70 продукции. Компанијата овозможува развој на млади уметници, па така на сцената на Скопје танцовиот театар свое деби имаа повеќе млади кореографи. Компанијата активно настапува низ земјава и странство. Во 2022 година, покрај гостувањето во Париз, Франција, Скопје танцовиот театар се претстави и на фестивалски сцени во Бартислава, Словачка, во Загреб, Хрватска и Рига, Латвија. Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, во изведба на Адријана Данчевска. Во 2018 година, со претставата „Кожа“, комапнијата гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа – „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД.
Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“. Скопје танцовиот театар има остварено настапи и на “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина; “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012) и во Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011).
Претставата е селектирана на престижниот „Шекспир фринге фестивал“ во Верона Италија, каде на 29 август годинава, ќе ја има својата светска премиера во „Театро Камплоу“. Работата на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура.