На хорската музичка сцена на Македонија се појави „Фрида“, женски хор за членови над 40 години. Иницијатор за неговото формирање е водителката и пејачката Сузана Турунџиева.
Првото јавно претставување било од затворен тип, на 27 -ми декември, на кое гостинка била Дени Жерновска, „мојата Фрида- која непрестано ме потсетува на најважните животни вредности“, како што вели Турунџиева, а пијано придружба бил Огнен Стаматоски. Инаку Дени е поранешна ученичка на Сузана, голем љубител на музиката и често знаат да запеат заедно.
Вториот настап го имаа за Денот на виното, кога приредија вечер за паметење, исполнета со многу емоции, музика, носталгија, прегратки и надеж за поубав свет, во кој љубовта, пријателството и музиката ќе бидат во нераскинлива врска. За креациите се погрижила Билјана Лотеска. На овој настап гостуваа балерините Елена и Михаела, Дени Жерновска, соработникот и продуцент Стаматоски.
Првичната замисла била поинаква, со Андријана Јаневска, со која Сузана соработува, имале идеја да формираат детски хор и распишале оглас за аудиција. Се јавиле малку деца, наспроти- многу жени, кои биле желни за песна и дружење. И, бидејќи во училиштето на Андријана немало услови за возрасни,Турунџиева се одлучува оваа приказна да ја започне на друго место, изнајмува простор и започнале пробите.
„ Сите пеат со блесок во очите и радост во срцата! И покрај тоа што се аматери, брзо ги усвојуваат текстовите и ги примаат сите мои насоки, особено за детали околу вокалната техника. Репертоарот е безвременски: од обработки на стари и познати евергрини, до госпел музика, латино и македонски евергрини. Тие уживаат, а јас уште повеќе додека ги гледам и слушам“, додава Турунџиева.
Засега хорот има 20 членови. За Фрида Сузана истакнува дека е нејзината женска, неформална, пејачка дружина каде се пее за своја душа, се шири радост, оптимизам, љубов и се испраќа порака за еден поубав свет, во кој ќе го вратиме мирот. Членките зрачат со многу позитива, ведрина, насмевки и силна женска енергија која поместува планини.
Хорот го добива името Фрида по мексиканска уметница Фрида Кало, која со целата своја немоќ и инвалидитет покажала дека нема пречка која може да ја спречи да создава уметност, а и поради значењето на зборот Фрида, кој првично значи мир, додека второто значење е : мало девојче, кое колку што е убаво однадвор, исто толку е и одвнатре.