Во извонредниот амбиент на црквата „Света Софија“, музичката програма на „Охридско лето“ продолжи со концерт на Нишкиот симфониски оркестар од Србија кој настапи под диригентство на маестро Зоран Станисављевиќ.
Публиката имаше прекрасна вечер со модерниот репертоар на уметниците од овој состав кој постои веќе 70 години, а потврда за тоа беа бројните аплаузи и долгите стоечки овации.
„И ние заедно со публиката уживавме од почеток до крај на концертот. Нам ни се чинеше дека концертот помина за миг иако не беше краток. Среќни и задоволни сме што сме учесници на „Охридско лето“ затоа што е реномиран европски фестивал и тоа особено ни значи и мене, но и на останатите музичари од оркестарот. Изведовме дела од Шостакович, Бритн, Барбер, Моцарт и Шуплевски. По бурните овации, бисот што го отсвиривме беше дело на мојот многу добар пријател кој веќе не е меѓу нас, Срѓан Јаќимовиќ. Тоа беше композицијата „Бело танго“ од филмот „Бело одело“, вели диригентот Станисављевиќ.
Маестро Зоран Станисављевиќ од 2012 година е ангажиран како гостин диригент на Нишкиот симфониски оркестар. Работи како редовен професор на Факулетот за уметности во Ниш.
Нишкиот симфониски оркестар е добитник на значајни награди и признанија: Златна плакета на културно-просветната заедница на Србија, Наградата на ослободување на градот Ниш, Златна значка на Југословенските хорски свечености во 1970 година, како и највисокото признание на градот Ниш- наградата „11 Јануари“.Во февруари годинава, оркестарот е одликуван со указ на Претседателот на Република Србија со „Сретењенскиот орден“ од трет степен.