Со наслов „Сонувајќи ја природата“ уметникот Стефан Малбашиќ ја презентираше својата самостојна изложба пред љубителите на уметноста во Центарот за култура.
Природата како извор на инспирација и мотив за нешто убаво, секогаш е примарна но и трајна основа кај голем број уметници и творци од различни дејности. Во овој проект Малбашиќ, ја презентира природата во најубавиот сегмент. Изложбата е составена од 3 циклуси.
Стефан преку убавината, нежноста и привлечноста на цветот, не прошета низ полињата и убавините на Кенија. Маѓепсан од убавините на природата и цвеќето како симбол на мир, убавина, нежност, невиност, посебно во бела боја, со својата уникатност на опстојување само во таа земја, го плени авторот и го мотивираше да се искаже на платно.
„Сето тоа ми даде еден нов светоглед за нов колорит кое се надогради со второто патување Виетнам, за нас егзотични цвеќиња, природа, бои. Третиот циклус е инспирација од фестивалот кој е празник на водата, на цвеќињата, на кој масовно се фрлаат цвеќиња, а кога тоа ќе го види човек тоа дава инспирација на такви бои испреплетени како виножито или цвет кој не е дефиниран, но се чувствува во колорит“, изјави Малбашиќ.
Свое обраќање на изложбата имаше директорката на НУ Центар за Култура Маја Андоновска Илијевски. За изложбата и делата на Малбашиќ говореа Драги Филевски и историчарот на уметност, графичарот, ликовниот критичар Владо Ѓорески, кој воедно беше и дизајнер на плакатот за изложбата.Тој истакна дека Малбашиќ има специфичен ракопис.
„ Неговиот ракопис е акварелизам, шѕто значи разредена боја не со вода, туку со паметењето на водата.Неговиот пат кон исток е пат на откривање на една друга реалност, на една друга перспектива, која е зачната во Византија, не е линеарна, не е временска, туку е вертикална и кон светот гледа на еден поинаков, поспиритуален начин“.
Ѓорески додаде дека карактеристиката во ликовниот ракопис на Малбашиќ е брзината, композицискиот зен и рефлексивниот принцип кој се движи од скоро светлата бела боја до раскошот на расцутувањето.
„ Битолската публика знае да ги препознае уметничките модерни текови“, истакна Малбашиќ.
На изложбата беа презентирани 20 уметнички дела, акрил на платно. Во рамките на проектот се реализираа и едукативни активности кои покрај презентативната улога, уште повеќе ја популаризираат современата уметност меѓу младите, а и пошироката публика.
Малбашиќ е роден 1984 година во Битола, по завршеното Училиште за применета уметност, дипломирал на Факултет за ликовна уметност и магистрирал во класата на проф. Ибрахим Беди. Реализирал голем број на самостојни изложби, а учествувал и во групни изложби, ликовни колинии во земјава и во Бугарија, Франција, САД.