Со долг аплауз и стоечки овации, филмот МАЈКА на Теона Стругар Митевска ја имаше својата светска премиера на 81. Венециски филмски фестивал, отворајќи ја престижната селекција „Хоризонти“. Прикажан во преполната Sala Darsena, филмот раскажа интимна и драматична приказна за младата Тереза во Калкута, 1948 година – моментот кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во главната улога блеска Номи Рапас, која ја прикажува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и противречна личност – исполнета со амбиција, сомнежи и силна жед за слобода. Актерската екипа ја сочинуваат и Никола Ристановски, Силивија Хукс, Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, а зад камерата стои наградуваната Виржини Сен-Мартин.
Критиките во Венеција го оценија филмот како „смело и современо портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Според самата режисерка, „МАЈКА не е класичен биографски филм, туку приказна за слободата и визијата на една храбра жена, прикажана со својата сила, амбиција и противречности.“
Номи Рапас за оваа нејзина улога вели дека е „неверојатен предизвик и патување, низ кое се нурнала во светот на Тереза за да ја пронајде личноста зад митот.“ Уште пред премиерата, филмот беше продаден за кино-дистрибуција во над 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија и Шпанија. Од 3 декември започнува со кино-прикажување низ Европа – ретко достигнување за македонска продукција. По Венеција, МАЈКА ќе продолжи на своето фестивалско патување, а за македонската публика ќе биде прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, од 20 до 26 септември.
Оваа премиера претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија и отвора пат кон меѓународната сцена – не само за филмовите на Митевска, туку и за идните генерации кои доаѓаат. Инаку ова е трет пат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција Авторски денови, 2023).