Со спектакуларен неколку часовен концерт на стадионот „Петар Милошевски“, се отвори 16. издание на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ. Големиот музички спектакл, „Симфонија на ѕвездите“ ги собра вљубениците во добриот музички звук на едно место. Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека овој настан е само почеток на прекрасната програма на БИТ ФЕСТ ова лето. Коњановски се заблагодари за поддршката од своите сограѓани и интересот за организација на еден ваков голем настан, кој покажува дека Битола навистина е град на културата со големи културни капацитети кои од година во година, спонтано наметнуваат се повисоки стандарди на квалитет.Загревањето на атмосферата беше со настапот на ДЏ- ите, Ile the hair, или Иле косата, Dj Boc.A, се до официјалното отворање и настапот на главните ѕвезди на вечерта. На настанот настапија некои од најпознатите имиња на регионалната музичка сцена, придружувани од Камерниот оркестар на Битола, меѓу кои и Констракта, Каролина, Суперхикс, Паркети, Brass Brothers и многу други локални ѕвезди.Една од главните звезди на вечерта беше Шилер (Schiller), или како што е уште познат Christopher von Deylen, синоним за иновативноста во светот на електронската музика. Неговите композиции ја освежуваат електронската сцена, и создаваат целосно ново музичко искуство. Во својата кариера, тој успеа да издаде многубројни успешни албуми кои се најдоа повеќе пати на врвот на музичките топ листи низ цела Европа. За се да звучи уште подобро, нашите добро познати Наде Талевска и Агни Авшар му се придружија на сцената.Тука беа и Pig &Dan, Love Itoya, која по потекло од Нигерија. Покрај настапите со Камерниот Оркестар, Itoya во повеќе наврати има настапувано во Битола, но и во Скопје. Бит фест оваа година ќе траe до 31.август.