Home » Со промоција на книга и изложба отворено 19.Македонско културно лето во Пустец, Албаниja

Со промоција на книга и изложба отворено 19.Македонско културно лето во Пустец, Албаниja

by culturalchat

Поп-пејачката, виолинистка во Операта и професорка на Факултетот за музичка уметност Андријана Јаневска, ја промовираше нејзината прва книга “Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора”, на 19-то по ред „Македонско културно лето“ во Глобочани, Општина Пустец, Албаниja.

„Народното творештво претставува еден од најзначајните сегменти во севкупниот материјално-духовен идентитет на македонскиот народ вели Андријана и додава: Истражувањата покажаа дека чувството за: јазикот, припадноста и идентитетот никогаш не ги напуштило Македонците од овие региони. Во текот на моите теренски истражувања, но и во многу книги сретнав записи и кажувања како македонскиот фолклор сакаат да го прикажат како туѓ. Македонскиот народ, кој живее во овие три региони, токму преку традиционалните македонски песни, во разни варијанти, е поврзан како еден единствен народ, кој, за жал, во минатото бил разделен“.На промоцијата присуствуваше градоначалникот на Пустец, Пали Колефски како и новиот министер за култура и туризам на Македонија, Зоран Љутков кој истакна:

„Дека културата и македонскиот јазик што го зборуваме се поголеми од границите кои не одделуваат, уште еднаш се потврди на отворањето на Мaкедонско културно лето во Глобочани, Општина Пустец, Албанија. Фестивалот во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, чија главна цел е заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија, е причина за уживање во уметноста, но и можност преку културни иницијативи да се зацврстат врските со нашинците заради зачувување на нашиот културен идентитет. Оваа Влада и Министерството за култура и туризам активно ќе се залага и грижи за македонското малцинство во Албанија, за афирмација на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион кој треба да стане значајна дестинација за културен туризам“.Промотор на книгата на Јаневска беше проф. д-р Родна Величковска. На отворањето на фестивалот публиката имаше можност да ја проследи изложбата со дела од академскиот скулптор Синиша Новески.Во рамките на фестивалот, кој ќе трае до 6. јули, публиката ќе може да проследи три театарски претстави и една претстава за деца. Фестивалот, кој е во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, има цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија.

 

Related Articles