Home » Со промоцијата на албумот на Горан Таневски започна 15.Фестивал на музика од светот

Со промоцијата на албумот на Горан Таневски започна 15.Фестивал на музика од светот

by culturalchat

Синоќа, Малата сала беше простор на мистичните ритми на првиот соло албум на Горан Таневски „Ascend“. Ова не беше само промоција на албум, туку и потсетник на богатото музичко наследство на Македонија, проникнато со тој прогонувачки шарм на готик рок. Настанот беше беспрекорен спој на уметничкиот израз на Горан Таневски, со хипнотизирачки видео клипови на Мијалче Ставрев и Светислав Подлешанов, како и вокални изведби на Таневски кои се толку посебни, што не можат со зборови соодветно да се објаснат. Со својот карактеристичен глас, Таневски не врати во корените на македонската алтернативна сцена, потсетувајќи не на неговата клучна улога во легендарниот бенд Мизар.

Илија Талев од Метрополис, беше модератор на настанот, истакнувајќи ја уникатната способност на Таневски да ги вткае византиската музика и православните пеења во модерен рок.

„ Без сомнение Горан Таневски е една од најмаркантните личности на македонската музичка рок сцена. Неговата мистична појава и харизматичност, надополнета со неговиот изразито длабок вонземски вокал, придонесоа Горан Таневски да стане еден од стожерите на македонската модерна алтернативна музика. Во својата музика комбинира класичен готик-рок проткаен низ македонското музичко наследство, византиската музика и православно црковно пеење на уникатен начин, што го прави оригинален и препознатлив, додека литургиските вокални манири совршено се вклопуваат во неговото музичко изразување“.

На албумот се застапени девет композиции: „Сонце“, „Среќен ден“, „Среќен сум дури и без себе“, „Перун“, „Ascend”, „Essence Voyage”, „My Way”, „Wicked Rain“ и „Wish A Man“.

Сите видео спотови се дело на Мијалче Ставрев (Криминал Рекордс, Штип), освен видео спотот за песната „Асценд“, изработено од Светислав Подлешанов (Битола).

Како составен и неодвоив дел од неговата матична група Мизар, Горан учествува во создавањето на нивниот прв албум, едноставно наречен „Мизар“, во 1988 година, воедно и прв албум воопшто снимен на македонски јазик. Своето учество го комплетира во создавањето на уште два албуми на групата: „Свјат Dreams“ (1991) и „Поглед кон цветната градина“ (2007). Со тоа дава особен придонес во самата група, создавајќи многу значаен документ за своето музичко постоење на овие простори. Албумите во кои тој зема учество, денес имаат култен статус во сите поранешни југословенски земји, додека самата група како пионери на дарквејв музиката во СФРЈ, значително влијаеше на развојот на музиката и звукот на многу други групи.

Групата Мизар се издвои на тогашната југословенска рок-сцена бидејќи пееше на македонски јазик и ја комбинираше византиската музика со христијанското црковно пеење. Тој амалгам беше многу важен. Особено пеењето на мајчиниот јазик. Тоа беше нивниот спецификум. Да беше поинаку, тие би ја изгубиле таа автентичност. Пред нив ретко кој успеал македонскиот јазик да го стави во изградба на самата песна, да го зачини со традиција и фолклор и да звучи моќно и разбирливо за луѓето чиј мајчин јазик не е македонскиот. Византиската музика и христијанското пеење нè опкружуваат со векови, во климата, во гените и тие вешто го вметнуваат во покласичната структура на поп песната. Токму тие чудни вибрации создаваат некоја прекрасна мистична форма. Дотогаш невидена и нечуена на овие простори. Јавајќи на бранот на тогашните светски рок трендови, овој факт успева да ја обезбеди популарноста на Мизар, заедно со растечката харизма на Горан Таневски. Во тој момент, Мизар можеше да ја дели сцената со било која светски позната група, без воопшто да бидат инфериорни.

Во 1991 година Горан ја напушта групата, за да се посвети на организирање на настани од културата како: изложби, промоции, концерти и слично. Од друга страна, токму Битола е градот во кој е формирана групата Мизар во далечната 1984 година.

Овој албум, прв од планираната трилогија, означува пресвртница во славната кариера на Таневски, прикажувајќи ја неговата еволуција од пионерските денови на Мизар до соло уметник кој ги поместува границите. Синоќешниот прв ден од Фестивалот на музика од светот, беше повеќе од прослава на еден албум. Тоа беше почит на македонската култура, јазик и моќта на музиката да го надмине времето и местото.

После промоцијата на албумот во Битола, следат промоции во уште неколку градови во државата (на 1.12.2023 во Прилеп, потоа неколку промоции во Скопје итн.), Потоа следат промоции во Србија, Хрватска (14.12.2023) и Словенија (15.12.2023). Албумот ќе биде достапен на сите поголеми музички платформи за преслушување и симнување во издание на Менарт од Хрватска. Потоа ќе следи цд и винилно издание.“

Промоцијата беше дел од програмата на Олабај на Фестивал музика од светот во рамките на проектот „Олабај“, на АРТАКТ Битола, чија цел е надополнување на фестивалските програми на дел од меѓународните фестивали во Битола и е поддржан од Министерство за култура.

фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

 

Related Articles