Триесет и второто издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ започна традиционално како и секоја година на Денот на независноста на Македонија, во Струмица. Фестивалот го отвори претставата на струмичкиот театар, „Црна дупка“ по текст на Горан Стефановски, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. Таа е првата од вкупно осумте претстави кои оваа година беа селектирани за официјалната програма на фестивалот. Селекторот Љупчо Георгиевски истакна дека публиката ќе има можност да види квалитени претстави одлични актерски креации.„Црна дупка“ во јуни, оваа година, на 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, беше наградена со наградата за најдобра претстава. Наградени беа и актерот Васил Михаил за најдобра машка улога и актерката Анкица Бенинова за женска епизодна улога.
32 -от носител на признанието за високо актерско остварување со името на Ристо Шишков ќе се бара помеѓу 45 актери од Македонија и соседна Бугарија. Прв пат во улога на жири ќе се најде и минатогодишниот лауреат, Јордан Симонов на кого пред почетокот на фестивалот му беше врачена плакетата од претходното издание.Плакетата му ја врачи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов .
„Ја имав честа и задоволството да го отворам 32. издание на овој меѓународен фестивал, единствениот во земјата па и пошироко кој е посветен на актерот. Струмица треба да биде горда што го чува и негува фестивалот како едно од своите најомилени културни чеда. Тоа ќе го прави и во иднина во чест на актерите и во чест на бардот на македонското глумиште, неповторливиот Ристо Шишков“.Симонов на сцената истакна: „Јас на 6 -7 години го гледав Ристо Шишков во бараките во Театар ‘Центар’ во претставата ‘Кенгурски скок’, кога тој возеше еден велосипед во место. Добра претстава, едноставно, но после многу години јас сфатив дека се вработувам во истата таа зграда, на истото тоа место каде сум го гледал Шишков. Работев со Васил Шишков, Бог да го прости, да го спомнеме и него и еве сега приказната ја заокружувам со оваа голема награда“.Во рамките на програмата се и претставите „Гардеробер“ од Драмскиот куклен театар „Иван Радоев“ од Бугарија, „Кенди“ на Театарот „Златен елец“ што доби неколку регионални награди и наградата „БИШ“ што се доделува во рамки на фестивалот Млад отворен театар. Во рамките на Фестивалот ќе се одржи промоција на списанието за култура и уметност „СУМ“, со разговор на тема „Благој Стефановски-лик и дело“. Фестивалот ќе трае до 13. септември кога по претставата „Падот на Масада“ во изведба на Драмски театар Скопје ќе се додели наградата „Ристо Шишков“.