Home » Со новиот роман на Јован Илиески патуваме во Истанбул

Со новиот роман на Јован Илиески патуваме во Истанбул

by culturalchat

„Мојот нов роман е завршен. Го препрочитувам по сто пати, од пуста радост за следната приказна што ќе ви ја дадам. Едвај чекам!  Слична на ‘Соба 610’, а премногу различна. Не знаете колку сум среќен што успеав да го завршам романот и конечно да им дадам живот на овие ликови. Приказната, како и нејзиниот наслов, ќе го дознаете многу брзо. Од срце сум горд, освен на напишаното, туку, најмногу и на главната хероина со која што уште повеќе созреав како писател. Нетрпелив сум да ја запознаете“, ова ни го изјави писателот Јован Илиески, а поврзано со неговата најнова книга.

Имено за младиот писател кој вели дека не му поминува ден без да напише нешто, додека летниот период за многумина значи одмор, за Јован значи преточување на креативните идеи, развивање на приказната за главните ликови во неговиот роман. Неговата последна книга, петта по ред беше „Соба 610“, а претходно ги објави: “Душа на парче хартија”, “Кругот на животот”, “Сенки на полноќ” и “Ноќта кога ја напуштив Прага”. Овојпат читателите преку книгата патуваат во Истанбул.

Ј.И.- Новиот роман има прашинка сличност на претходните, но, приказната е сосем различна, ориентална, уникатна. Дејствието е сместено во Истанбул и романот раскажува две паралелни приказни кои се доста различни, а всушност, исти“.

Колку време работеше на истиот?

Ј.И.- Работев скоро една година на романот. Имав и други обврски наоколу, ама се обидов да го завршам што побрзо. Не бев ставен под никаков притисок, туку едноставно сакав побрзо да го видам крајот на приказната.

Што ти беше инспирација овојпат?

Ј.И.- Инспирацијата ја има насекаде. Јас овојпат, ја најдов во Истанбул. Град на два континенти, град на милион и една приказна. Не можеш да не се инспирираш таму, а да си уметник од било кој аспект.

Што те фасцинираше кај овој град и посебно култура и традиција?

Ј.И.- Сум видел и поубави градови од Истанбул, но, она што сигурно ми остави впечаток за овој град е неговата суровост на животот, а истовремено место кое што плени со магија и богата култура. Животот таму е посиромашен од овој овде, а луѓето уште живеат со надеж за подобро утре, со насмевки, со ведрина. И исто толку колку што има насмевки, има и мистичност, има мрак, има трагични животни приказни. Ете, ја решив да раскажам една од тие приказни.

Колку овој роман допринесе да созрееш како писател особено после толку книги?

Ј.И.- Доста многу. Како и секој роман, нели, меѓутоа, хероината во овој роман допринесе доста за да ја видам другата страна на човештвото. Другата страна на вистината. Со овој протагонист од овој роман, не можеш, а да не погледнеш во другата страна на стварноста. Овој нов роман, претпоставувам, ме научи да ја превртувам секогаш паричката за да ја видам и другата страна.

Кога да ја очекуваме промоцијата?

Ј.И.- Наскоро. Се’ што можам да кажам е дека ќе биде сигурно пред почетокот на оваа зима. Едвај чекам!

 

 

 

 

 

 

Related Articles