Home » Со концертот „Нека е бесконечно музика“ Битолското музичко училиште ќе одбележи 77 години постоење

Со концертот „Нека е бесконечно музика“ Битолското музичко училиште ќе одбележи 77 години постоење

by culturalchat

Со свечен концерт оваа среда, 21.февруари, Државното Музичко Училиште -Битола, ќе го одбележи 77 годишното постоење. На концертот насловен „Нека е бесконечно музика“, кој ќе се одржи во свечената сала на Офицерскиот дом, ќе настапат професорите од училиштето кои  ќе се потрудат публиката да ужива во музиката од различни епохи. Па така на концертот ќе настапат:Горјана Стојановска, Кирил Мулоски, Јана Четелева Белевска, Маја Божиновска, Игор Милевски, Татјана Божиновска, триото Трифоника ( Јана Четелева Белевска, Марија Шамоска Буџаковски и Елена Ѓоргиева), со премиерна изведба на делото „Македонско девојче “ на Вангел Мажевски, Билјана Талевска, Билјана Димовска, Оливера Гемту, Владимир Андревски, Горан Трајковски, Спире Јовановски, хорот на ДМУ под диригентска палка на Лилјана Трајковска Димевски, заедно со Кире Мулоски и Менде Мешковски.

Голем број на ученици од ова училиште се гордост за музичката култура на градот и Р.Македонија. Тие се дел од Македонската Опера и Балет, Македонската филхармонија, СОКОМ, наставници во основните и средните училишта, професори на ФМУ во Скопје и Штип. Некои ученици станаа познати естрадни уметници во државата и надвор од неа, а некои се на пат да станат големи уметнички ѕвезди. Сите тие се гордост на училиштето. Тука се и големиот број на награди и признанија на домашни и интернационални натпревари. Секако значајно e да се спомене и доделувањето на наградата на град Битола “4 Ноември”.

Формирано во почетокот на 1947 година со решение на Министерството за народна просвета на Народна Република на Македонија, Државното музичко училиште спаѓа во редот на најстарите училишта во Македонија. Во почетокот беа формирани паралелки за основно музичко образование, а во 1962 година се формирани и пaраралелки за средно музичко образование.

Како институција со високи професионални квалитети, активно е вклучена во културното живеење на градот и регионот, организирајќи концерти по повод отворање на изложби, литературни презентации, соработка со други здруженија, институции, како и со фестивалот на класична музика „Интерфест – Битола“; „Шопенова Вечер“; Фестивал на млади пијанисти организиран од ЕПТА и мн.др. Во својот 77 годишен развој оваа институција бележи постојан подем по однос на видот и бројот на образовни профили и растот на бројот на учениците.

Концертот е со почеток од 19 часот.

 

Related Articles