Home » „Со конкурсот за краток расказ ги поттикнуваме младите да читаат“-интервју со Светлана Папачек

„Со конкурсот за краток расказ ги поттикнуваме младите да читаат“-интервју со Светлана Папачек

by culturalchat

По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Организацијата на жени на Општина Битола – Битола и НУУБ ,,Св.Климент Охридски,, – Битола распишаа традиционален литературен конкурс за краток расказ. Оваа година по десети пат. Конкурсот беше  отворен од 25 Јануари до 25 Февруари, а годинешната тема беше Чест. Главната манифестација се одржа на 3-ти март, кога беа доделени наградите. Ова е само еден од настаните кои организацијата на жени ги организира во текот на годината. По тој повод поразговаравме со заменик претседателката Светлана Папачек.

С.П.- Многу години се зад нас. Во едно време не така многу одамна, жените го прославуваа 8 – ми март така што работните организации ги носеа на патувања, организираа забави со свирки и т.н. А, црвениот каранфил беше заштитен знак за празникот. Денес е поразлично. Се организираат маршеви за родова еднаквост, трибини и слично. Забавите речиси и да умреа. Ретко се слави во кафеана, со музика. Сега е друго време. Токму затоа ние како организација донесовме одлука да прославуваме поразлично од сите други женски организации. Решивме на почетокот на секоја календарска година да распишеме конкурс за краток расказ на тема жена, но со посебни наслови кои се поврзани со неа, со жената. Имавме теми мајка, баба, учителка… дури имавме и три дена женски активизам во Битола – дарување крв, промоција на наша писателка, посета на старските домови во нашиот град и што уште не.

Конкурсот е отворен за сите кои пишуваат на македонски јазик .

С.П.- Може да учествува буквално секој кој сака да се искаже на темата, без разлика на пол, верска припадност, возраст. Јас и Илче од библиотеката сме редовни членови во комисијата која ги оценува расказите бидејќи имаме меморандум за соработка и поддршка во организирањето и спроведувањето на сите активности поврзани со конкурсот. Третиот член е различен секоја година, но, задолжителен е професор/ка по македонски јазик.

Запрашавме колку овој конкурс допринесува за популаризација на читањето кај младите?

С.П.- Да, секако дека придонесува, но не доволно, бидејќи се фаворизираат странски автори. Затоа имам грутка која ми лежи и ми тежи на срце. Апел до сите:

–        Луѓе, промовирајте го најнапред нашето, своето.

–        Промовирајте го македонскиот јазик.

–        Нашите автори на прво место.

–        На полиците дајте им видно место на нашите авторки и автори.

–        Ние авторите сме чувари на јазикот и културата, на посебноста на македонското.

–        Ценете не повеќе.

Оваа година конкурсот се одржа по 10-ти пат. Кои се вашите впечатоци?

С.П.- Како годините минуваат одзивот е се поголем. Еве годинава имавме 33 раскази. Имаше добри раскази, но ги молам авторите од името на комисијата – темата да се запази. Жално е да имаш добар расказ, а мораш да го ставиш настрана. Не е во конкуренција.

Колку се младите заинтересирани за учество?

С.П.- Младите – повозрасните, средношколците, па нагоре,  да, се одзиваат. Додека основците послабо. Токму затоа соработуваме со сите училишта, учениците кои сакаат да учествуваат имаат ментори/ки, вообичаено тоа е професор/ка по македонски јазик и одиме напред. Како непишано правило секоја година повеќето раскази се од ученици од исто училиште и ментор/ка. Но, ако. Еве јавно апелирам до сите професори/ки по македонски јазик:

–        Бидете упорни.

–        Има многу талентирани деца.

–        Тие се чувари на нашата иднина и опстојување.

–        На посебноста на нашиот македонски јазик.

Кои настани следат од Организацијата на жени?

С.П.- После случувањата со епидемијата од корона вирусот, времето се подели на време пред корона и време после корона. Како да почнува се од почеток, настапува препород и мораме да се адаптираме на новото време. Се како да беше замрено, но еве почнуваме да се враќаме во колосек. Си продолжуваме со работата за еднаквоста на жената во секој домен. Имаме замисли кои ќе треба да се реализираат, некои се само на хартија, некои се ад хок. Еве да најавам дека во планот за работа ни е подготовка за издавање на збирка со сите наградени раскази, родово поделени според авторите. Но, за тоа требаат парични средства и тоа поголеми. Со оглед на материјалот што го имаме, а ние не сме финансиски моќни и затоа барам, замолувам, доколку име луѓе што сакаат да ни помогнат да стапат во контакт со нас, за да изданието ја види светлоста на денот. И за да сведочи за нашиот активизам преку пишан збор. За сите наши залагања и сработеното информираме на нашата ФБ страна Организација На Жени Битола. Изразувам јавна благодарност до сите кои се со нас овие изминати години.

Што би им порачале на жените по повод 8 – ми март?

С.П.- Повеќе години јас се вложувам и се борам за родова еднаквост. Но, увидов дека сепак на овие балкански закоравени простори, сеуште владее стереотипот дека жената треба да е посветена на семејството, домот, децата. До некаде се сложувам, но и не се сложувам.

  • Да, доколку сопругот биде платен доволно за да семејството има пристоен живот, добро воспитани потомци, здрава храна, платени сметки и се она што значи дом.
  • Не, затоа што секоја жена има потреба да биде финансиски независна за да може да опстои доколку сака да го гради својот живот сама, или доколку е принудена сама да се справува со се. Зависи со кого живееме, какви се перцепциите за новиот век и т.н.  Тоа се веќе лични теми.

Како стареам увидов многу работи за кои мислев дека се црни или бели, а било спротивно. Во право сум за мојата теза дека како човек старее – така мудрее. Мојата порака до сите жени:

,, Биди своја, размислувај, слушај, калкулирај, биди мудра и прониклива. Само така ќе знаеш како да го трасираш својот пат”.

 

 

Related Articles