Народен театар Битола, по повод јубилејот 75 години Народен Театар „Војдан Чернодрински“, гостуваше во Прилеп со претставата ,,КОКОШКА”. Долготрајните аплаузи и стоечки овации само го потврдија фактот дека оваа претстава е една од најпопуларните на НТБ за која секогаш се бара карта повеќе.Комедијата на авторот Николај Кољада, е во режија на Марјан Ѓоргиевски. Во истата играат: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Никола Пројчевски. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, драматург Оливера Павловиќ, светло Игор Мицевски, тон Николче Терзиевски, инспициент Оливер Петровски.
Николај Кољада – „сонцето на руската драматургија“, како што самиот еднаш се нарече, и како што го нарекуваат, кој иронично, кој со уважување, театарските дејци ширум светот, веќе три децении предизвикува голем интерес во театарскиот свет. Неговите пиеси се поставувани во најзнаменитите театри во Русија, преведени се на многу јазици и се изведуваат во Германија, Италија, Англија, САД, Швајцарија. „Феноменот Кољада“ во театарот не е случаен: тој е извонреден драматург – неговите пиеси се интересни за анализа и во нив има за што да се размислува. Кољада е можеби суров во својот натурализам, тој не нуди лажна утеха за животот таков каков што е, но и не го остава човекот без потпора во неговата потрага да се извлече од празнината и небитието. Прифаќајќи ја драмата на својот живот како свој живот, неговите ликови создаваат можност да се прифатат себеси како луѓе, а со тоа и светот светот на сопствените можности како добар свет за себе.
Tокму со оваа претстава Битолски театар ќе го честита 8.март, празникот на жените, нудејќи им специјален попуст од 50% ако набават влезници на билетарата на НТБ.