Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци”, „Мостови на Струга” и „Млада Струга“свечено се затворија 63-тите „Струшки вечери на поезијата“. Свеченото затворање на манифестацијата и годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата и беше проследено со спектакуларен огномет. Претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, му го врачи „Златниот венец“ на лауреатот, францускиот поет Жан Пјер Симеон.
„Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата. Затоа, „Струшките вечери на поезијата“ се мугрите на срцето и на духот“, изјави лауреатот Жан-Пјер Симеон.Глигор Стојковски ѝ ја врачи наградата „Браќа Миладиновци“ на поетесата Катица Ќулавкова, за поетската збирка „Небото ми е дом“. Наградата „Мостови на Струга” за најдобра дебитантска поетска збирка годинава ја понесе поетесата Катрин Пиц од Германија, за збирката „Вакви денови имало отсекогаш“, а наградата ѝ ја врачи директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски. Наградата „Млада Струга“ ѝ беше врачена на поетасата Филипа Сара Попова за збирката „Скршен терариум“. Манифестацијата продолжи со меѓународно поетско читање „Мостови“, на кое настапија бројни странски и македонски поети.Во рамките на годинешното издание на Струшките вечери, беше претставен традиционалниот поетски портрет оваа година на лауреатот на „Златен венец“француски поет Жан Пјер Симеон, во црквата „Света Софија“ во Охрид. Годинешниот лауреат во своето обраќање потенцираше дека поезијата мора да се сфати сериозно и да биде дел од сите сфери на живеењето.
„Страста за богатство и моќ денес го достигнува врвот на својата смртоносна логика: го уништува светот, го уништува човекот, ја уништува планетата. Верувам дека постои само едно решение: конечно сериозно да се сфатат поетите, поезијата да се стави во срцето на политичката, економската и социјалната мисла и да не се зема таа како упатство за употреба, ами како усогласеност со бескрајот на животот и со желбата за збратименост. Секоја песна е потсетник на овој бескрај. Постојат јазици, култури, традиции, верувања, а неприкосновено, над сите нив е песната, која секогаш и секаде го преставува зборот на самиот народ, на човештвото, кое секаде и отсекогаш имало исти соништа, исти болки, исти прашања, исти желби и, и покрај сè, секогаш ја имало истата нестивната жед за животот. Поезијата е, очигледно, најуниверзалниот и најпостојан јазик на човештвото, таа е есперанто на човечката душа“.Лауреатот истакна дека земјава е голем негувател на пишаниот збор.Претседателката на Управниот одбор, книжевната теоретичарка Елизабета Шелева во својата беседа потенцираше дека при изборот на нов лауреат годинава сите едногласно се приклониле кон името на Жан Пјер Симеон.
„Во ова турбулентно и непредвидливо време сите сме суштински гладни за автентична и нова етика, а не само поетика. Етика, проткаена со нова надеж, нова верба, на којашто, треба да се потпреме, бидејќи сѐ наоколу оддишува со закана од распад и обезвреднување, еден комплетен и конечен апсурдизам без преседан, наспроти напредокот во науката и во техниката. Никако да се смири или отстапи злокобниот Танатос, нагонот на смртта, на деструкцијата, на поништувањето на сѐ што е благородно. И токму од таа причина, при изборот на нов лауреат годинава, сите едногласно се приклонивме кон името на Жан Пјер Симеон. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое трајно живее и опстојува власта на љубовта и убавината“.Македонскиот писател, драматург и дипломат, Јордан Плевнеш потенцираше дека целото поетско, театарско и есеистичко дело на Симеон е крунисано во „Света Софија“.
„Вечерва Жан Пјер Симеон, цивилизацијата на љубовта се совпаѓа со вашето бесмртно поетско дело. Вие со вашата поезија направивте интимна поетска револуција, бидејќи ги напишавте вашите книги чие ехо се шири по меридијаните, како што се „Политика на убавината“ и „Теорија на љубовта“ и во време во кое се водат крвави војни од Украина до Газа, ја напишавте бесмртната книга со наслов „Поезијата ќе го спаси светот“, а во една од вашите последни книги која не случајно ја насловивте „Станете од гробовите“, вашата уводна песна е „Поезијата треба да владее со светот!“. Сега со тој наслов „Станете од гробовите“, ги повикуваме сите бесмртни француски поети да бидат овде со вас во „Света Софија“. И Франсоа Вијон и Шарл Бодлер и Виктор Иго и Рене Шар и Анри Мишо и чудото на француската и светската поезија Артур Рембо за кого пред неколку години еден европски книжевен историчар тврди дека поминал низ Македонија на неговото последно патување без враќање! Сега вие сте блиску до неговите траги“.
Поетскиот портрет заврши со композиции во изведба на македонскиот тенор Михајло Арсенски, во придружба на македонскиот пијанист Зоран Станишиќ.Претходно во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија му беше врачена плакета за почесно членство на овогодинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата Жан Пјер Симеон. Во своето кратко обраќање, претседателот на ДПМ Живко Грозданоски се осврна и на благородното творечко кредо на лауреатот, автор на книгата „Поезијата ќе го спаси светот“, по што му го честиташе почесното членство. Лауреатот се заблагодари за гостопримството на Друштвото и за укажаната чест. На крајот од церемонијата пред присутните беше прочитан и извадок од творештвото на лауреатот. По неколку изданија на СВП во кои врачувањето на почесното членство на лауреатот во ДПМ се одржуваше во хотелот „Дрим“ во Струга, од оваа година церемонијата се враќа во домот на писателите на ул. „Максим Горки“ во центарот на Скопје.