Претставата „Машка солза“ во режија на Александар Поповски, работена според текстовите на рускиот писател Антон Павлович Чехов, премиерно беше изведена во Југословенскиот драмски театар во Белград.
Се работи за една колажна драма составена од мотиви од четири едночинки „Шега“, „Запросување “, „Мечка “, „Татјана Рјепнина“ и еден расказ „Гостилница на патот“.
„Во делата на Чехов има многу љубов, но апсурдна љубов“, истакнува Поповски, додавајќи дека долго време бил фасциниран од творештвото на Чехов и дека неговата работа му „отворила нов свет“.
Актерите на оваа театарска претстава се поразени во љубовта, изгубени во времето и затворени во гостилница за време на апокалиптична бура што ги насочува еден кон друг и поттикнува, како на конфликти, така и на убави реминисценции, натопени во сеопфатната иронија на писателот.Она што ги поврзува избраните текстови е колапсот на машките херои, што ги води до „машки солзи“, на кои и денес се гледа како знак на несоодветна слабост, и затоа ликовите се изложени на стигма и воздржаност. Чехов овие текстови ги нарекува водвиљи, иако е свесен за емотивните и егзистенцијалните бездни скриени во секој од нив. Елементите на комедијата се, од една страна, природна последица на поетиката на секојдневието и обичното, но и прогресивен и секогаш модерен, а секако и современ, коментар на Чехов за баналноста и затупеноста на машкиот мачоизам и патријархатот во општественото уредување.
Бурата е метафора за хаосот, метежот и војните на денешницата, ги претставува сите превирања што неминовно излегуваат на површина, доколку солзите се потиснат, а поттикнуваат гордост и срам поради машката „слабост“.Ликовите на сцената ги оживеаја: Војин Ќетковиќ, Сања Марковиќ, Ненад Јездиќ, Миодраг Драгичевиќ, Зоран Цвијановиќ, Милена Живановиќ, Милош Самолов, Теодора Драгиќевиќ и Теодор Винчиќ.Адаптацијата и драматизацијата ги направи Давид Јаковљевиќ, сценограф е Вања Магиќ, музиката е на Кирил Џајковски, драматург Весна Радовановиќ, костимограф Миа Поповска, сценски говор Лилјана Мркиќ Поповиќ.