Home » „Симфонија на ѕвездите“ го отвора 16.БИТ ФЕСТ

„Симфонија на ѕвездите“ го отвора 16.БИТ ФЕСТ

by culturalchat

По  повод отворањето на 16. издание на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, се одржа прес конференција на стадионот „Петар Милошевски“. Фестивалот се отвара со  големиот музички спектакл, „Симфонија на ѕвездите“. Годинава, БИТ ФЕСТ, ја задржува својата оригинална форма на поддршка на квалитетни и традиционални настани, кои ги отсликуваат културните вредности на Битола. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека отворањето на фестивалот, го најавува и квалитативниот концепт на овогодинешното издание „Се наоѓаме пред официјалниот почеток на 16. издание на БИТ ФЕСТ. Направивме една прекрасна компилација вечерва на една нова сцена. Градскиот стадион „Петар Милошевски“ ги отвора вратите и за вакви концертни активности. Освен спортот и она што е основната намена на овој објект, првпат во овој официјален дел со концертни активности ќе можеме да ги покажеме убавините на стадионот и она што нашите гости ќе го презентираат. Како локална самоуправа, трета година по ред, се обидуваме да го подигнеме нивото на фестивалот и верувам дека ќе уживаме во вечерашниот спектакл“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Програмскиот дел започнува со содржини за најмладите, односно мини олимпијада. Вечерната програма која ќе ја предводи Камерниот оркестар на Битола, ќе започне во 19:00 часот со ди-џеј сетовите на DJ Ile The Hair и DJ Boca, а од 21:00 часот продолжуваат Паркети, Суперхикс, Констракта, Каролина Гочева, Камерен Оркестар заедно со Love Itoya, Schiller, Pig & Dan и Brass Brothers.

Една од главните звезди е CHILLER Schiller, или како што е уште познат Christopher von Deylen, синоним за иновативноста во светот на електронската музика. Неговите композиции ја освежуваат електронската сцена, и создаваат целосно ново музичко искуство. Во својата кариера, Schiller успеа да издаде многубројни успешни албуми кои се најдоа повеќе пати на врвот на музичките топ листи низ цела Европа.Неговите албуми како „Leben“ и „Future“ се добро познати ширум светот, додека хитовите како „I feel you”, „Das Glockenspiel“ и „Sehnsucht“ остануваат вечни фаворити на обожавателите. За се да звучи уште подобро, нашите добропознати Наде Талевска и Агни Авшар ќе му се придружат на сцената и ќе направат неговите песни да звучат уште подобро.

„Не ми е првпат да сум во Македонија, но првпат сум во Битола и исклучително ми е драго што сум тука на ова прекрасно време, со овие прекрасни луѓе. Кога бев млад, многу сакав да слушам музика и секогаш ја барав совршената музика за мене, но никогаш не ја најдов и оттаму се одлучив да почнам да творам сам. Особено обожавам електронска музика и особено сакам да ја мешам со вокали и инструменти. Многу сакам да ја мешам својата музика со различни стилови и затоа се радувам и на можностите кои ќе се појават од оваа средба. За жал после настапот ќе морам да заминам, бидејќи имам претстојни настапи во Германија, но затоа дојдовме неколку дена порано и имав можност да ги видам Скопје и Охрид, а посебно од Охрид ќе пренесам многу позитивни впечатоци. Првпат ја пуштам својата музика на стадион и искуството го доживувам како многу посебно и иако шоуто нема започнато, знам дека ќе биде незаборавен настан“, истакна тој.Дел од изведувачите е и Love Itoya. Таа е по потекло од Нигерија, живее и работи во Лондон, Велика Британија, а нам ни е добро позната по енергичните настапи кои ги имаше на првото издание на МТВ The Greatest Hits минатата година. Покрај настапите со Камерниот Оркестар, Itoya во повеќе наврати има настапувано во Битола, но и во Скопје.

„За првпат настапувам на Стадионот во Битола, но првиот настап во Битола ми беше во 2019 година, имам настапувано во Порта џез, на Хераклеја итн. Многу сум почестена од моето присуство денеска тука и вечерашниот настап. Планирам да донесам многу позитивна енергија, убави вибрации, ќе пеам убави песни и верувам дека публиката ќе биде постојано распеана и разиграна за време на мојот перформанс. Исклучително ми е убаво во Битола, особено поради фактот што забележувам дека нема ни ронка расизам тука, во овој град. Се чувствувам како дел од нив, секогаш прекрасно“, рече Love Itoya.

 

Related Articles