Оваа недела, во Државното музичко училиште од Битола музиката се спои со театарот. Повод за импресивниот спој на уметностите изразен преку актерските и музичките способности на учениците од средното училиште, беше проектот на Советот за превенција од детско престапништво – Стоп за насилство, деликвенција, престапништво, при Советот за превенција од детско престапништво на Општина Битола, чиј член од оваа година е и нашето училиште, во групата “Од млади за млади”.
Темата на проектот беше Превенирање од секаков тип на негативно – општествени појави во кои младите денес, многу лесно запаѓаат, за жал, во ова време-невреме – насилство, булинг, злоупотреба на психотропни супстанци и сѐ што е нус појава на претходно кажаното. Замислата за пренесување на пораката до младите и возрасните, координаторот на тимот во проектот, психологот Нина Тасевска, одлучи да биде нестандарден, па благодарение на ентузијазмот на сите вклучени, ученици и наставници, пораката беше пренесена со музика, глума на текст искреиран од сите – музичко-театарски перформанс.
„Случувањата во соседна Србија, уште повеќе ни го освестија и потенцираа револтот и потребата од крик, сега не веќе толку тивка, туку потребна ни е гласна и моќна револуција – револуција за поголема грижа за менталното здравје на децата“, истакнуваат од музичкото училиште.
На 3.5.пораката ја слушнаа учениците и колективот од Државното музичко училиште од Битола, а денес и утре ќе ја испратат до сите основни, средни училишта и надлежни институции за оваа проблематика.
„Да почнеме од нас, да почнеме денес – стоп за насилството, стоп за молкот“, додаваат на крај.