Втората Свесност: LIVE session, која се одржа на крајот на декември во просторот на кафетеријата Училница, пред празниците отвори теми што денес, по празничниот период, звучат уште поактуелно. Наместо веднаш да се сумираат впечатоците, тимот на Свесност одлучи да направи пауза и да ѝ дозволи на темата да „одлежи“ – токму за да се види како навистина сме ги поминале празниците. Темата на втората сесија, „Како да влеземе во празниците без да се изгубиме“, беше посветена на празничниот замор, лажните допамини и притисокот постојано да се наградуваме со уште активности, уште дружења и уште стимулација, во период кога на телото и умот најмногу им е потребен одмор.
Во отворената дебата учествуваа проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска-неуропсихијатар, Љубица Ангелкова-комуникациски консултант, Аријан Раиф-фитнес тренер. Разговорот го модерираше Катерина Крстевска Ристески, психотерапевтка од Свесност, која овозможи безбеден простор за дијалог без притисок и без готови одговори. Научниот контекст го постави проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска, која објасни дека празничниот пад е очекуван:
„Допаминот не е хормон на среќата, туку на очекувањето. Кога постојано сме стимулирани, нервниот систем нема време за вистинска регулација.“
Во текот на разговорот, Љубица Ангелкова посочи дека празничната култура често го меша одморот со постојана стимулација:
„Празниците не нè релаксираат ако ги користиме за преголема социјализација. Можеби најрадикалното нешто што можеме да го направиме во празничниот период не е да додадеме уште една активност, туку да престанеме да одиме на сè. Да не одговараме на сè. Да не мораме да бидеме весели за да бидеме прифатени. И да си дозволиме нешто што денес изгледа речиси субверзивно: да не бидеме стимулирани. И можеби најголемиот луксуз во празничниот период
не е тоа што можеме да си го дозволиме, туку тоа што ќе си го поштедиме.”
Од аспект на физичкото здравје, Аријан Раиф нагласи дека телото прво реагира кога темпото е погрешно:
„Луѓето мислат дека заморот се решава со уште една активност, а телото всушност бара пауза. Кога не го слушаме, тоа почнува да зборува преку болка и исцрпеност. Прејадување ти за празниците е посебна и голема тема која е поврзана со немање на дисциплина или купување на задоволства на краток рок“.
Во текот на сесијата се отворија дискусии за тоа како празниците често се доживуваат како обврска наместо како одмор, за губењето на толеранцијата на тишина, како и за сигналите што телото и психата ги испраќаат кога темпото е погласно од потребите. По празниците, голем дел од присутните споделија со тимот на Свесност, дека разговорот им помогнал поинаку да ги поминат деновите – со помалку обврски, помалку чувство на вина и повеќе внимание кон сопствениот ритам.
Свесност: LIVE sessions продолжува со своето трето издание на 22 јануари (четврток), во Училница, со почеток во 17:00 часот.
Темата на следната сесија е:
„Поставување цели – каде одиш и зошто баш таму?“.
Овојпат фокусот се поместува од празничниот замор кон прашањата што природно се појавуваат по празниците: како се поставуваат целите, дали тие се наши или преземени од околината, и како да се направи разлика меѓу амбиција и притисок.
Во разговорот ќе учествуваат:
• проф. д-р Кети Арсовска Несторовска, универзитетски професор во пензија и истакнат социолог, која ќе понуди поширок културолошки и општествен контекст за тоа како се формираат вредностите и насоките во кои се движиме,
• Андриана Поповска, Head of Human Resources, со искуство во корпоративен и меѓународен контекст, која ќе го отвори прашањето за личните и професионалните цели во современото работно опкружување,
• Теодор Тодоровски, генерален менаџер и визионер во fintech и P2P секторот, кој ќе зборува за целите од перспектива на одговорност, одржливост и финансиска реалност. Разговорот ќе го модерира Викторија Тодоровска лиценциран психолог и психотерапевт од Свесност.
Како и досега, Свесност: LIVE sessions не нуди мотивациски флоскули, брзи решенија или „нова година – нов јас“ наративи. Наместо тоа, нуди разговор, тишина и простор за размислување – таму каде што завршува галамата, а почнува личната одговорност кон сопствениот правец.

