Годинешното, 56-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 3 до 10 јуни 2022г. Селекторот на фестивалот, проф. д-р Иван Додовски, ги објави претставите кои ќе настапат во официјалната програма:
- „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, во изведба на Народниот театар од Битола,
- „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Драгана Таневска, во изведба на Народниот театар од Струмица,
- „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин, во изведба на Турскиот театар од Скопје,
- „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на Народниот театар од Прилеп,
- „Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на Албанскиот театар од Скопје,
- „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиша Евтимов, во изведба на Театар Комедија од Скопје,
- „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје,
- „Се викам Горан Стефановски“ („My name is Goran Stefanovski“), во режија на Бранислав Миќуновиќ, во изведба на Драмски театар од Скопје.
„За мене е особена чест што ми беше доверена задачата да бидам селектор на официјалната програма за 56 издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Понудени беа деветнаесет претстави од репертоарот на македонските професионални театарски куќи. Од тој поширок пресек на домашната театарска продукција направена во година на продолжени епидемиолошки и други ограничувања, избрани се осум претстави. Тие ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност. Кога многумина помислуваат дека театарот замолкнал и дека не може да излезе накрај со камшикот на времето и со неправдите на локалните и глобалните силници, овие осум претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра двете најсуштински димензии на човекот – слободата и достоинството. Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Прави впечаток дека во редот на искусните режисери, како Миќуновиќ и Милчин, се приклучуваат и силни режисерски имиња од средната и од помладата генерација. Исто така, во овие претстави можат да се издвојат значајни актерски, драматуршки, сценографски, костимографски и композиторски остварувања. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас.“ – изјави селекторот проф. д-р Иван Додовски. Наградите за животно дело оваа година се доделуваат на актерката Бедија Беговска и драматургот Русомир Богдановски.
Оценувачката комисија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Прилеп, ги доделува следниве награди:
- Награда за рекламен материјал,
- Награда за кореографија и сценски движења,
- Награда за музика,
- Награда за костимографија,
- Награда за сценографија,
- Награда за современа сценска драматизација,
- Награда за текст,
- Награда за млад актер „Трајко Чоревски“,
- Награда за млада актерка,
- Награда за женска епизодна улога,
- Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“,
- Награда за главна женска улога,
- Награда за главна машка улога,
- Награда за режија,
- Награда за уметничко остварување на претстава во целина.