Home » Се е подготвено за јубилејот: 80 години Битолски театар

Се е подготвено за јубилејот: 80 години Битолски театар

by culturalchat

По повод 80 години постоење на Битолскиот театар, на 14.11, четврток, ансамблот на НТБ, ќе ја изведе претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева, Јован Ристовски. На денешната прес конференција директорот Васко Мавровски истакна дека пред премиерата ќе биде презентирано историското катче на НТБ, во кое децата и посетителите ќе можат да се запознаат со историјата на Битолскиот театар, воедно ја презентираше и програмата за одбележување на јубилејот.„Утре е најважниот ден за сите нас, за сите 69 вработени во Битолскиот театар. Морам да истакнам дека овие два месеци ми се најдинамичните и најемотивните. Во историското катче ја имаме трајната постановка, на дел од добиените награди и признанија за Битолскиот театар. Изложени се околу 200 од нив. Програмата започнува од 10 часот кога ќе биде положено цвеќе пред Споменикот пред Центарот за култура, во 19.30 ќе биде презентирана изложбата на 100 плакати, постери, каталози на Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, посветени на претставите во НТБ. Повеќето од нив се оргинални, печатени во 70 тите и 80 тите години. Во меѓувреме публиката ќе има можност да ја слушне музиката на Бојаџиев за која на Стеријно позорје доби награда за најдобра музика и до ден денес е единствениот Македонец кој ја освоил таа награда. Музиката ќе биде пуштена на првиот плеер, касеташ кој го имал Битолскиот театар. Ќе биде изложен и печатарот со кој во 60-тите години се печателе плакатите“.Тој ја најави и премиерата на 23.11, премиера на првата детска претстава во Битолскиот театар, „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на Драгана Милошевска Попова, како подарок за детската публика, а кампањата „Театар за секој“ ќе продолжи и следната година. Тука е и промоцијата на Монографијата за театарот која ќе биде на 13 или 14 .12. Претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“е составена од 3 дела во режија на Ристевска Петрушева, Ристовски и Мицевски.„Симболично сакаме да кажеме дека театарот продолжува и после 80 годишнината, заеднички и обединето. Интересно е што во оваа едночинка се опишува константната промена на идентитетот на нашиот народ заради повеќе причини. Момент кој се провлекува низ нашата историја доста долго. Јас ја поставив оваа едночинка низ комедијата, иронијата и гротеската. Ѓоре кај мене е Александар Димитровски, а сите други актери се жени, па го опишуваме тој момент како жената се справува со промената на идентитетот и сите проблеми кои доаѓаат од таа промена. На крај гледаме како тие жени, народ, таа држава им пресудуваат на предавниците“, истакна Софија Ристевска Петрушева додавајќи дека единствено што е важно за секој човек е честа, моралот, лојалноста и солидарноста, а никој на крај не го почитува предавникот.„Луѓето во таа 1944 живееле во едно друго време и со друга идеологија. 80 години потоа, овој народ не живее со иста идеологија. Порано сите се бореле за одредени вредности, она што денес недостига. Во мојот дел од претставата отворив прашања за оние делови од историјата, но и сегашноста кои Македонецот ги преќутува, оној дел кога се плашиме да ја изговориме вистината“, изјави Јован Ристовски.

Режисерот Мицевски истакна дека неговиот дел од претставата е повеќе документарен.

„Таа историја се повторува и ни се случува и во овој момент. Секоја вистина има повеќе вистини. Целиот проект го гледам како таков во потрага по тоа што е вистина, кои се наши херои, кои се наши предавници. Историјата треба да биде некаков учебник од кој ние ќе извлечеме поуки, кои ќе не носат во некој подобар и поубав свет. Она што ми е најважно е дека овој театар како прв во државата во континуитет до денес, изведува претстави на македонски јазик, дека и понатаму е еден од театрите кој може да изведе ваква претстава. Се надевам дека оваа претстава ќе остане како еден документ и инспирација за тоа што се овој театар може“.

Авторката и драматург Билјана Крајчевска истакна дека оваа едночинка од пред 80 години, го претставува политичкиот театар кој работи на самосвеста, претстава која го означува почетокот на културолошкиот, театарски идентитет на нашата земја.

„Денес децата размислуваат на странски јазик, не можеме да ги навикнеме да размислуваат на македонски, а секогаш не учеле за да знаеш некој јазик треба пред се да го знаеш сопствениот. Денес светот е отворен, зачувувањето на македонскиот јазик, нашето национално богатство, е од огромно значење.Треба да се зголеми творештвото на македонски, затоа што останува после нас само она што сме го создале. Секој човек во светот има идентитет, различноста е прекрасна, и затоа многу е важно да се сочува сопствениот идентитет“.Јубилејот на Битолскиот театар, се одбележува е токму со првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година, кога беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски,  Георги Карев, Јован Бејко.На сцената ќе настапат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, Андреј Папаз Ѓоргиевски, светло мајстор Игор Мицевски, Горан Петровски, тон мајстор Александар Димовски, шминка Стефанија Илиевски, видеооператор Владимир Переловски, автор на плакат Сашо Илковски, инспициент Димитар Михајловски. Со основањето на НУ Народен театар – Битола во 1944 година, почна процесот на основање на другите театри во земјава – во Скопје, Прилеп, Велес и во други македонски градови. Низ годините Битолскиот театар стана бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, претставувајќи ги насекаде во светот.

 

 

Related Articles