Со најпознатите арии на Пучини, Верди, Прокофјев, Брамс во изведба на светската оперска дива Анџела Георгиу, придружувана од симфонискиот оркестар на Националната опера и балет под диригентската палка на Чипријан Теодорашку, во Античкиот театар во Охрид беше отворено годинашното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Истиот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот Стево Пендаровски, кој од сцената им посака слободна мисла на уметниците, преку нивните креации да го преобликуваат и да му дадат поинаква суштина, барем за миг, на она што е гнило и проблематично во светот.
„Повеќе од шест децении „Охридско лето“ е местото каде што пристигнуваат најрелевантните уметнички продукции од сите страни на светот. Со комуникација на човековите искуства, артикулирани низ различните уметнички форми, можеме длабински да ги согледаме сите битни социо-културни движења. Особено, кога станува збор за можноста која ја дава програмата и концептот на Охридско лето, имено, размислувањата за акутните состојби кои ги засегаат луѓето, да се вкрстат преку различните уметнички изрази со потекло од најразличните културни контексти.
Тој истакна дека не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата.
„ Фестивалот „Охридско лето“ е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности. Во овој древен град, се чува античкото, но, се создава и вреднува и современото. Тука раскошот на природниот амбиент со векови ги инспирира луѓето да го покажат најдоброто во градителството, во уметноста и духовноста. На таа хармонија и убавина, на историјата и културата, фестивалот „Охридско лето“ природно и спонтано се надоврзува, нудејќи го најдоброто од музичката и сценската уметност, грижливо селектирано од сите светски меридијани. При тоа, фестивалот остава длабока трага помеѓу бројните цивилизациски и културни слоеви напластени во овој навидум мал, а толку многу значаен простор“.
Круцијален национален императив е да се задржи нивото и квалитетот што со себе го носи фестивалот „Охридско лето“.
„Само на тој начин ќе оставиме достоен печат на своето постоење во времето во кое живееме. Да оставаме вредности и патокази за следните генерации, да вложуваме во културата и во уметноста. И не само тука во Охрид, да овозможиме уметниците да продолжат да нудат визија за еден подобар свет. Затоа што, како што вели минатогодишната нобеловка за книжевност, Ани Ерно – „Болката не може да се чува недопрена…, најдобриот начин за нејзина трансформација е преку јазикот на уметноста. Бидејќи, ако ги имаме вистинските зборови, ако го имаме вистинскиот јазик, оружјето нема да ни биде потребно.“
На крај претседателот додаде:
„ Во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме барем дел од загубените или злоупотребени вредносни системи. Посакувам успешни фестивалски денови и креативна размена на искуства помеѓу уметниците од целиот свет“.
На свеченото отворање уметничката порака ја пренесе Бисера Чадловска, прва жена диригент во Националната опера и балет, која неодамна ја одбележа 20-годишнината од својата уметничка дејност. Таа важи за еден од најплодните оперски и балетски диригенти, под чија диригентска палка се реализираат голем број оперски и балетски претстави со ансамблот на Македонската опера и балет. Свое обраќање на отворањето на фестивалот имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„А ќе постоеше ли ова врвно, ова престижно „Охридско лето“ да не беа неговите создатели, луѓе со огромна визија, со бескомпромисна љубов и со неизмерна почит кон македонската акустична култура и уметност?! Претпоставувам дека на тој пат тие тргнале „вооружени“ со храброст и трпение да му се спротивстават и на сомнежот, можеби и на потсмевот, на суетите, и на прогнозите за краток век на идејата да се роди нешто големо и нешто што ќе трае. Зарем тоа не е порака?! И го надоградуваа генерации и генерации целејќи кон совршенство, за нашето „Охридско лето“ да се етаблира во редот на најдобрите пет елитни фестивали во Европа. И три децении да се одржува на оваа престижна листа. И уметниците од светот самите да сакаат да учествуваат на „Охридско лето“. Па макар и да бидат на листата на чекање“, истакна министерката, а потоа додаде:
„Зарем тоа не е потврда?! Во свет во кој секојдневно ударни наслови се лошите и лажните вести, вестите од културата одат сè подолу, до невидливост. За среќа, оптимистите и уметниците вестите ги читаат со поинаков редослед.Тие знаат дека без уметноста, животот би бил неподнослива празнина. Затоа, „Охридско лето“ е подарок. Така беше и со настапот на светски познатите уметници од Романија, оперската дива Анџела Георгиу и диригентот, Чипријан Теодорашку со Оркестарот на операта и балетот на Македонија.
Затоа,
Нека грмне со надземен екот од „Античкиот театар“.
Нека се отворат ширум портите на „Света Софија“.
Нека бијат силно камбаните на „Свети Климент“.
Почнува уште едно „Охридско лето“, шеесет и трето“.
Охрид преку овој реномиран светски етаблиран фестивал со високо реноме, се до 20 август ќе живее со уметноста. Наредните 40 дена ќе блеснат сцените на Атичкиот театар, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, сцената „Долни Сарај“, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот.
Вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и Македонија.