Со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Меѓународна колонија „Де Ниро“ и Културно информативен центар Битола, започна свеченото отворање на Меѓународна колонија „Де Ниро“. На овој свечен чин, кој се случи во Културен центар „Де Ниро“ во село Цапари, потпишувачи беа познатиот ликовен уметник Панде Петровски, кординатор на колонијата и директорката на Културно информативен центар Битола, Лили Бошевска.
Присутните ги поздравија: почесниот член на колонијата, познатиот уметник Сергеј Андреевски кој и подари уметничка слика на колонијата, како и членот на советот на колонијата Владо Ѓорески кој во оваа прилика истакна дека уметноста ќе го спаси светот.
Уметничка слика за посебен придонес кон Меѓународна колонија „Де Ниро“ низ годините, им беше подарена на познатото битолско семејство Димитровски. Сликата ја врачи, Марко Мано Филевски, дел од организацијата на колонијата.
На свеченото отворање, присутните ја погледнаа промоцијата на видеото на Кети Талевска за мозаикот на Мирослав Масин, изложбата на делата од минатогодишната колонија, уживаа во музички перформанси и други содржини.
„За мене како организатор е голема чест тоа што во текот на овие 18 години на колонијата учествувале над 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и светот кои досега создале над 500 уметнички дела. Оваа година особено ме радува потпишувањето на меморандум за соработка на Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ со Културно информативен центар Битола, значаен чин за натамошна плодна соработка“-изјави Драги Филевски, организатор на колонијата.
Во наредните денови во рамките на колонијата ќе бидат реализирани следниве настани: „Ден на уметноста“, во чест на Благоја Стефановски-Баге, еден од бардовите на македонската култура што ќе се реализира на една посебно избрана локација – мало село Ротино; Поетско-ликовен настан, промоција на книгата „НАДВОР ОД ВРЕМЕТО“ на Лили Бошевска со песни инспирирани од делата на светски познатиот уметник Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, кој е гостин на промоцијата со своја изложба, во Палата на културата- Офицерски.
Оваа година на колонијата учествуваат ликовни уметници од Хрватска, Виетнам, Мексико, Естонија, Романија, Кина, Србија, Бугарија и Македонија. Во рамките на колонијата, се одржува и школата за млади уметници.