Home » Светска премиера на филмот „Домаќинство за почетници” на Горан Столевски во Венеција

Светска премиера на филмот „Домаќинство за почетници” на Горан Столевски во Венеција

by culturalchat

„Домаќинство за почетници” (Housekeeping For Beginners) е остварување со кој Македонија годинава ќе се натпреварува за наградата „Златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција, кој ќе се одржува од 30 август до 9 септември. Во режија и по сценарио на Горан Столевски, овој македонски филм ќе ја има својата светска премиера на 80. Мостра, а ќе биде прикажан во натпреварувачката програма „Хоризонти“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјалната награда од жирито, за најдобра машка и за најдобра женска улога.

Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски, „Домаќинство за почетници”, е филмска приказна што се занимава со универзалните вредности на семејството – она во што сме се родиле и она што самите сме го избрале.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се и Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово.

„Многу ме радува тоа што со продуцентката Марија Димитрова се враќаме токму во Венеција, каде што за прв пат концептот за „Домаќинство за почетници“ го развивме во работилницата на Биенале Колеџ Синема во 2019. Во меѓувреме имавме прекрасно креативно искуство и створивме безброј убави спомени со нашата неуморна, феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми е што сите емоции кои заедно ги вложивме во снимањето се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам “, изјави режисерот Горан Столевски.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски ја нагласи исклучителната важност на повторното учество на еден македонски филм на фестивалот во Венеција.

„Еден од најголемите амбасадори на македонската култура е македонскиот филм. Тој продолжува да ниже успеси и да биде рамо до рамо со европскиот и со светскиот филм. По многу години, Македонија лани со мнозински филм се врати во официјалната селекција на фестивалот во Венеција. Ако некој од јавноста или филмскиот свет помисли дека тоа беше случајност, морам да го разочарам, бидејќи оваа година македонски мнозински филм финансиран од Агенцијата за филм повторно е дел од најстариот фестивал. Ова на некој начин претставува куриозитет не само за Македонија, туку и за поразвиените европски држави, две години по ред да имаат свој филм во официјалната конкуренција на Венеција. Се надевам ќе успееме да освоиме значајни награди на најстариот филсмки фестивал во светот“.

Покрај Столевски, во тимот што работеше на филмот се и Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа- Ристовска – костимограф, Александра Чевреска – арт- директор и Горан Игњатовски – маскер. Покрај нив, авторската екипа на филмот ја сочинуваат: Ана Жежничек од Полска како сценограф, Леонора Мехмети Хоџа од Косово како дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска како композитори, Зоран Максимовиќ од Србија како снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија како дизајнер на звук.

Третиот долгометражен филм на режисерот Столевски е прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на  фестивалот „Сандес“ во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм “Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Мелбурн.

„Домаќинство за почетници” е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција “- Скопје. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека пост-продукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

Филмот, дополнително е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се: Мадантс (Полска), Кинорама (Хрватска), Сенс Продукција (Србија), Индустриа филм (Косово), Танго (Америка), Филм-и-Васт и Комон Граунд Пикчерс (Шведска), Козаверј Филм и Аделаида Филм Фестивал (Австралија). New Europe Film Sales од Полска ги има светските права за продажба на филмот.

Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот фестивал во светот и е дел од петтте најзначајни фестивали во светот од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Берлин, Торонто и Санденс. Ова е четврто претставување на македонски автор на овој фестивал, по „Пред дождот“ во 1994 и „Прашина“ во 2001 на Милчо Манчевски, „Судијата“ во 2002 на Жанета Вангели и „Најсреќниот човек на светот“ во 2022 на Теона Стругар Митевска.

 

 

Related Articles