Познатиот македонски кардиолог и член на Македонската академија на науки и уметности, Сашко Кедев беше дел од 24-члена експедиција која на 22 јули меѓу 8 и 9 часот по локално време во Пакистан го искачи вториот највисок врв на светот К2.
Предводени од врвните шерпаси и лидерот Мингма Џи, сите алпинисти успеале во намерата да се искачат на 8.611 метри високиот К2, втор највисок на светот по Монт Еверест (8.848).
„Многу сме среќни да споделиме со сите вас дека целиот наш тим стигна до врвот на вториот највисок врв во светот (Mt.K2-8611m) денес наутро (22 јули 2022 година) помеѓу 8-9 часот (по локално време во Пакистан). Уште еднаш огромни честитки до сите искачени и ви посакувам безбедно спуштање“, напиша водичот Мингма Џи.
Сашко Кедев стана првиот и единствен Македонец, кој има искачено четири врва од 14-те тн. „осумилјадарки“ (над 8.000 метри). Во април годинава го освои Даулагири, седмиот највисок на светот (8.167), а лани Манаслу, висок 8.163 (осми во светот). Во 2009-та се искачи на врвот на Монт Еверест.
Првиот Македонец кој се искачил на К2 е Здравко Дејановиќ, и тоа на 27 јули 2014.
K2 се смета за најопасен планински врв поради своите стрми падини. На 8.611 метри, на планинарот му е достапна само една третина од кислородот што тој би го имал доколку се наоѓа на ниво на морето. Околу деведесетина алипинсти досега ги загубиле своите животи при обидите да го освојат. Врвот К2 се наоѓа на границата помеѓу автономниот округ Ташкурган (кој е дел од Синѓанг, Кина), и северните територии на Пакистан. Овој регион е спорен, бидејќи и Индија исто така тврди дека тој е интегрален дел од индиската држава Џаму и Кашмир. Моментално К2 е под пакистанска управа. Планината првпат била истражена од европски истражувачки тим во 1856 предводен од Хенри Хавершам Годвин-Остен. Томас Монтгомери бил член на тимот кој го нарекол врвот „К2“ заради тоа што бил вториот откриен врв на масивот Каракорум.
На врвот прв се искачил Италијанецот Акиле Компањони во 1954 година а по него уште околу 400 алпинисти.
Фотографии: Imagine Nepal.