Home » Саат-кулата во Битола прогласена за културно наследство од особено значење

Саат-кулата во Битола прогласена за културно наследство од особено значење

by culturalchat

Саат-кулата во Битола ја добива највисоката верификација и се вбројува во редот на културни добра со најголема културно-општествена важност на градот.

Владата, на седницата одржана на 11 јули, донесе одлука за прогласување на Саат-кулата за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

„ Горда сум што Саат-кулата ја добива највисоката верификација и се вбројува во редот на културни добра со најголема културно-општествена важност на градот“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Објектот e изграден во 1830 година, со висина од 33 метри, се наоѓа во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот меѓу црквата Св. Димитрија и Јени-џамијата. Со својата архитектонска, градежничка, историска, социолошка и документарна вредност, Саат-кулата во Битола е сведоштво за општествено-економските и културно- историските околности во Битола и пошироко, во рамките на балканскиот простор.

Кулата со автентични камени фасади е културен споменик кој се издвојува по своите специфики и во градбата, монументалноста, изгледот и во степенот на изворната зачуваност. Кулата е значајна и по своите архитектонски и стилски карактеристики, квалитетниот материјал од кој е изградена со вметнување декорирани мермерни сполии и оригиналните мермерни столбови, како и по камените скали кои водат до врвот.

Саат-кулата има и единствен музички механизам со 15 камбани од кои одекнува одредена мелодија на секои шест часа.

Истовремено, овој објект дава препознатлив урбанистички акцент во Битола бидејќи во релација со монументалните споменици во неговата близина се создава единствен урбан ансамбл. Со тоа, Саат-кулата во Битола се вбројува во редот на културни добра со највисока културно-општествена валоризација како своевиден белег на „Градот на конзулите“.

Сите овие специфики се вградени во Елаборатот за ревалоризација на Саат-кулата во Битола и во Предлог-актот за нејзино прогласување за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, коишто се разгледани и одобрени од Националниот совет за културно наследство.

 

 

Related Articles