Претставата „Ричард трети“ во режија на Дејан Пројковски, денес ќе биде изведена во Печ, Унгарија во рамките на 10.издание на Театарската олимпијада.
Македонскиот режисер кој стана познат во регионот по спектакуларните претстави, во Новосадскиот театар го постави и Шекспировиот „Ричард Трети“. Главната улога во претставата ја толкува Арпад Месарош, а играат и Габриела Црнковиќ, Ливиа Банка, Атила Немет и други.Тука е и Олга Панго, која беше задолжена за сценското движење во претставата. Сценографијата е на Валентин и Сергеј Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.
За самата претстава, која сосема очекувано имаше одлична оценка од театарската критика, нашиот режисер истакнува: „Шекспир заедно со Достоевски, Толстој и Чехов има големо значење во театарот и литературата. „Ричард Трети“ секогаш поставува големо прашање за политичките системи и државните системи. Денес ја отвора и темата што е тоа демократија и дали тоа е најдобриот систем што можевме да го замислиме или е најдобар затоа што не можевме да измислиме подобар или посовршен“.
Пројковски, кој е еден од најуспешните режисери во регионот, ја потпишува режијата и на претставите „Ана Карењина“во Нови Сад, „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург, „Инферно“ во Велешки театар и други.
Претставата „Ричард трети“ја доби наградата за најдобра театарска режија – за цела театарска сезона во Србија, според Belgrade Edt Culture, блог за куктура. Претхдно претставата беше апсолутен победник на театарскиот фестивал во Младеновац, и ги доби наградите за најдобра претстава и од жирито и од публиката.
Дел од 10-тата театарска Олимпијада се 750 продукции на 400 театарски, танцови и куклени театарски трупи од 58 земји, на кои настапуваат 7.500 изведувачи. Програмите се одржуваат во речиси 100 места низ целата земја. Олимпијадата ќе се одржува до 1-ви јули.