Салата на НУ. Народен театар – Битола синоќа беше претесна за многубројната публика која со радост ги поддржа учениците на Државното музичко училиште од Битола. Имено во преполната сала, музичката магија ја пренесоа талентираните ученици како дел од програмата на Новогодишниот концерт и тоа: Училишниот симфониски оркестар, Детскиот хор, ученици и солисти од средниот оддел на ДМУ, Музичкиот бенд на училиштето.Секој настап, секој акорд и секоја нота беа исполнети со енергијата на публиката и страста на уметниците. Па така беа изведени најубавите детски новогодишни популарни песни: Елко, елко, Дедо Мраз, Тивка ноќ, како и Алелуја од Коен, Carol of the bells, Валцерот на цвеќињата од балетот Оревокршачка на Чајковски, чиј аранжман го направи проф.Љупчо Аслимовски( поранешен ученик на ова училиште), Унгарскиот танц бр.5 на Брамс, Темата од цртаниот филм Аладин, A whole new world, која ја изведоа годинешните претставници на детската Евровизија, Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски, теми од цртаниот филм Фроузен, со солистите Карла Гарабиљевиќ, Лана Марковска, Jingle bell rock, Jingle bells. Публиката активно учествуваше на познатиот Марш на Штраус, а целата програма ја заокружи изведбата на новогодишната песна, темата од детската емисија Здраво генијалци. Диригент на концертот беше проф.Марјан Бакревски, драмскиот текст го направи проф.Маја Митровска, која беше музички соработник заедно со проф.Јана Четелева Белевска, проф.Никола Баљаревски. Низ програмата присутните ги водеа учениците Климент Ристоски и Илијана Серафимова.Хорски соработници беа професорите: Јулијана Проја Димовски, Денис Алитовски, Александра Андревска, Магдалена Наумоска, Никола Зацески и Маја Митровска. Пијано соработници: проф.Александар Грујовски и проф.Вангел Мажевски. Професори кои помагаа во Симфонискиот оркестар: Оливера Гемту, Валентин Наумов, Никола Трајановски, Никола Баљаревски, Зисо Пуровски, Трајче Поповски, Игор Милевски, Тања Котевска, колеги уметници од Битолскиот дувачки оркестар и Камерниот оркестар на Битола. Општина Битола е безусловна поддршка на ова училиште, како и градоначалникот Тони Коњановски на кого директорката на училиштето Марија Шамоска Буџаковски му врачи плакета за целото залагање кое им дава ветар во грб на патот до успехот, а градоначалникот на крај истакна дека после концертот сигурен е дека Битола заслужува да има Музичка академија.Концертот беше дел од програмата на Општината, „Зимска приказна“. На овој начин Државното музичко училиште чии програми се реализираат под мотото „ДМУ Бренд за музика“, им го подари на битолчани и гостите од другите македонски градови, најубавиот подарок, музика за душа која долго ќе остане во сеќавањето на присутните. На крајот на концертот на сцената излезе најсаканиот дедо на светот, Дедо Мраз.„Нека магијата на музиката продолжи и во Новата година, нека 2025 е година на уште поуспешни заеднички проекти затоа што Битола е град кој живее со уметноста “, посакаа од Музичкото училиште.