Во Битола во галеријата „Ранко Струмениковски“, пред бројната публика, беше претставена изложбата „Ретроспектива“ на еден од доајените на македонското сликарство, Методија Ивановски – Менде (1929–1995). Слики, цртежи и сценографии од 50-годишната кариера на големиот битолчанец Менде, воедно и еден од членовите на сликарската група ВДИСТ, беа дел од изложбата. Тој бил сликар и сценограф. Завршил Художествена школа и Педагошка академија во Скопје, а студирал и на Ликовната академија во Загреб. Бил член на ДЛУМ. Се занимавал и со театарска, телевизиска и филмска сценографија. Имал студиски престои во Братислава, Париз, Прага, Рим и Њујорк. Покрај тоа бил асистент на сценографија за филмот Републиката во пламен, сценограф за Јазол и Македонска сага.
Ивановски припаа на првата повоена генерација современи македонски уметници. Организирал над дваесеттина самостојни изложби во: Битола, Ресен, Прилеп, Загреб, Белград, Струмица, Скопе, Њујорк, Куманово. Учествувал и на бројни групни изложби: Скопје, Белград, Загреб, Лубљана, Копар, Пиран, Сараево, Марибор, Крушево, Штип, Куманово, Битола, Гостивар, Струмица, Штип, Ферара (Италија), Риека, Париз, Охрид, Варшава, Титоград, Пореч, Сараево, Бања Лука, Суботица, Порторож, Габрово, Титов Велес, Виена, Минхен, Херцег Нови, Сплит, Цетиње, Лос Анџелес, Корча. Од 1955 до 1994 редовно учествува на сите изложби на групата ВДИСТ. Добитник е во 1961 на Ноемвриска награда за сликарство на град Битола, 1972 Ноемвриска награда за сликарство на град Скопје, 1985 Откупна награда за графика од ХУБ “Климент Охридски“ Скопје, 1988 Награда за сликарство на ДЛУМ “Лазар Личеноски“ Скопје, 1988 Специјална награда за минијатурно сликарство, Авторска агенција на CPM, 1994 Награда за сликарство на мал формат “Вангел Коцоман“ на Центарот за Култура и други.
За авторот на оваа изложба на отворањето зборуваше галеристот д-р Драган Ристевски:„Благодарение на педантно чуваните дела од страна на наследниците на Ивановски, јавноста има можност да проследи голем дел позначајни сликарски остварувања од различни периоди и дела од повеќе уметнички сфери. Така имаме цртежи со јаглен уште од раните средношколски години на Уметничката школа во Скопје, па преку слики од почетниот енформел, присутен во педесетите и шеесеттите години на минатиот век, продолжувајќи со акварели и дела во масло на платно, па се до скици и сценографски решенија за театарски претстави, фестивали и студиски потреби за сценографски решенија во Македонската радио телевизија каде го проведе својот работен век“.
Своето официјално јавно претставуване пред публиката Ивановски го имал во 1952 година во родната Битола со приредување прва самостојна изложба.
„Затоа пак, како новина и ексклузивитет на оваа антологиска изложба на публиката и нудиме вредни уметнички дела, цртежи датирани од 1946 година кои имаат високи уметнички сторности и истовремено и историска тежина и вредност. Како еден од петмината членови на првата организирана ликовна група кај нас, уште од 1955 година, групата ВДИСТ (Видимче, Димовски, Ивановски, Спироски, Траиковски) популарно познат Менде, Методија Ивановски зазема значајно место мегу корифеите на македонското повоено современо сликарство“, додава Ристевски.

Владо Ѓоревски, ликовен критичар, за делото на Ивановски напиша осврт, кој го читаше Теодора Ристевска Скушек.
„Не е лесно да се наговестуваат сите тие астрални сликарски зафати кои што содржат елементи што се повеќе духовни археолошки остатоци отколку ликовни петолетки на следењето и епигонството. Во тие слоеви, необични и физички димензионираности на платното, графиките и цртежите, доаѓа до своевиден ликовен речник, кој ни ги објаснува сите наши возвишености, агонии, колективни затворања, слепила, самоуништувања. Ликовниот пат на Методија Ивановски-Менде е цврст, непоколеблив, бескомпромисен, без разновидни стилски претумбации и екстравагантности. Од почетокот на своето момчешко деби па до последната негова слика тој jа следи својата мисловна и интуитивна постојаност како своевиден метроном чие темпо се убрзува со годините на се побројниот опус, создавајќи jа творечката целина како јадро на лаконски израз и изграден свет, жесток не во својот израз или потез туку во истрајноста да се издржат сите безбројни ликовни и културолошки калкулации од сите нивоа и изрежирани позиционирања. Сликарството на Менде Ивановски, не го има добиено вистинското свое место, тоа е самостојно, осамувано творечко и човечко кредо, кое упорно се обидува да не пробуди, особено денес. Неговата трајност, важност, длабоко понирање и воздигнување со остатоците на сите наши изгубени, исчезнати, уништени, украдени животни артефакти, како ликовни траги, лузни, можеби ќе бидат во скорешна иднина, антологиските остатоци, на еден народ кој доброволно ќе исчезне во својата цивилизациска амнезија одбирајќи го своето дефинитивно ништо“.
Синот на Ивановски, Љупчо на отворањето ја истакна благодарноста до организаторите на изложбата и сопствениците на галеријата, галеристот д-р Драган Ристевски и доктор Тања Струмениковска Ристевска.




