Оваа година на 80. Венециски филмски фестивал, младата македонска режисерка Тамара Котевска беше поканета во друштво со најголемите имиња во светот кои покажуваат сила и одважност да направат промени.Корежисерката на „Медена земја“ одржа говор за нејзиниот нов документарен филм.
„80. Меѓународен филмски фестивал во Венеција. Чест ми е што се сретнав со еден од најголемите светски борци за човекови права: Амал Клуни“, напиша Котевска и додаде: „Особена гордост и чест ми е што толку млада сум препознаена како автор кој има моќно влијание со своите филмови во светот. Тоа само ми дава мотив да продолжам во иста насока”, вели режисерката Тамара Котевска, која на венецискиот филмски фестивал одржа предавање на кое го претстави нејзиниот нов документарен филм „Патешествието“ и со краток исечок го претстави филмот. Во истиот се работи за глобалната сензација Амал – триметарската кукла што претставува дете-бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците.
Котевска е првиот автор од Македонија поканет на ексклузивен настан во рамки на фестивалот во Венеција. Настанот кој привлече најголемо внимание го организираше модната икона и активистка, Дајан фон Фурстенберг, која преку својата фондација од 2010 година ги доделува наградите DVF на жени кои покажале водство, сила и храброст во својата посветеност на женските прашања во светот.
Според транскриптот на настанот, Фон Фирстенберг ја најави Котевска како „најневеројатниот филмаџија и борец за слобода“, а таа се претстави како авторка од Македонија чиј прв филм е номиниран во 2 категории за Оскар, за најдобар игран филм и за најдобар документарен филм во истата година. „Јас сум особено горда на ова бидејќи со ова ние ги сменивме правилата и ограничувањата во создавањето на филмови. Ова е нешто кон што треба да целиме: филмовите не смеат да бидат ставени во калап на играни или документарни, туку треба да се стремиме да раскажуваме неверојатни приказни со неверојатни ликови, тоа е она што е важно“, кажа Котевска.
Добитнички на оваа награда годинава беа: Амал Клуни, како адвокат за човечки права која ги брани злоставуваните жртви жирум светот, потоа заменичката на главниот секретар на Обединетите нации, Амина Ј. Мохамед, бранителката на животната средина и човечките права, Хелен Гуалинг, стручњакот за вештачка интелигенција, д-р Џој Буоламвини и поборникот за родова еднаквост, Лили Синг. Меѓу сите нив беше поканета и нашата Тамара Котевска, која за искуството со својот нов филм „Амал“ зборуваше заедно со: Алис Нелсон, коосновач на “Vital Voices”, со Дајан фон Фурстенберг и Заинаб Салби, активистка и коосновач на “Daughter for Earth”.
„Настанот и говорот поминаа фантастично, со огромна почит и аплаузи, сè беше организирано на многу високо ниво, а Амал Клуни ја поддржа куклата Амал“, вели Тамара за името на девојчето и на филмот, кој на арапски јазик е извезен на нејзината облека. Една од наградите кои Котевска во 2019 година во Санденс ги освои за документарецот „Медена земја“, беше и онаа за „Влијание за промена“. Котевска на фестивалот ќе го најави новиот долгометражен документарец The Walk, кој ќе има светска премиера на Њујоршкиот фестивал во ноември.
„Патешествие“ е мојот втор документарен филм и овој филм следи навистина неверојатно театарско шоу. Морам да кажам зошто јас бев толку инспирирана да го направам овој филм: пред години, еден независен театар од Лондон почнал да прави кастинзи по бегалските кампови во Англија кога бранот на Сириски бегалци почнал да се влева во Англија. Тие сакале да ги извадат скриените таленти од сенките на камповите и така ја нашле 10-годишната Амал, чие име значи надеж и во чија чест го носам овој натпис на облеката денес. Ова девојче го раскажало своето неверојатно патешествие кое стана оваа претстава. Театарската трупа изградила кукла од 3 метри со ликот на малата Амал, која го следи патешествието на вистинското девојче, од турско-сириската граница, преку медитеранската рута се до Манчестер. Тогаш ме поканија мене да го правам документарецот за овој патувачки театар. Она што мене најмногу ме плени во оваа идеја за патувачки театар беше фактот дека тоа не беше само претстава, туку цело едно активистичко движење кое не е престанато се до денес и нема да престане. Јас сум лично засегната од филмови и уметнички форми кои прават општествени промени на овој начин. Тие не остануваат ‘во фиока’, нивниот пат не завршува откако ќе бидат покажани на некој фестивал или на некој стример, туку тие се предизвикувачи на цели движења.
Денес гордо можам да кажам дека Амал стана симболот на бегалците низ цел свет“, рече Котевска и додаде:
„Идејата зошто е 3 метри висока и зошто одлучија Амал да биде марионета е од 2 причини: прва причина е да привлечат внимание на бегалците, да покажат дека тие не се невидливи, за никој да не може да го тргне погледот од ова бегалче на нејзиниот пат. А втората причина зошто е марионета е за да покажат дека бегалците се чувствуваат како марионети, бидејќи немаат сопствена волја и контрола врз нивните животи, тие немаат слобода на носење одлуки. Јас го детерминирав стилот на филмот после 90 дена следење на овој патувачки театар. Мојата главна инспирација за тоа како му пристапив на филмот беа децата бегалци кои јас ги сретнав и кои Амал ги сретна на нејзиниот пат“.
Куклата Амал има милиони следбеници, мина 15 земји, 97 градови, досега помина 9.000 км околу светот и наскоро ќе оди во САД за светската премиера на филмот на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC) во ноември.