Драмскиот текст е основа на секоја претстава, особено на монодрамата, на која настапува еден актер, за кого играта со текстот, со длабокиот поттекст, намислите во него, е од примарно значење. Актерот на сцената дејствува и живее токму преку изговарање на текстот, преку негово обликување во дејствие и претстава, и нема поголем соработник на сцената од него. Секој текст напишан за едно лице не е монопиеса (може да биде монолог, исповед). Затоа, пишувањето монопиеса е особен труд на драмскиот писател, кој бара избор на соодветна тема, сосредоточеност на зборот и посебна имагинација.
„Целта на нашиот конкурс е да инспирираме создавање нови (моно)пиеси, со висока уметничка вредност, кои ќе можат да се поставуваат на сцените на нашите театри/но и во други објекти од културата: музеи, библиотеки, образовни институции. Со тоа ќе учествуваме во развитокот насовремената драматургија кај нас“, стои во соопштението на Центарот за култура.
Преку распишувањето на анонимниот конкурс, професионалното жири ќе додели, прва , втора и трета награда, кои би биле во паричен износ и ќе откупи пет други монодрамски текстови, со што,со посебен правилник би бил регулиран конкурсот и авторските права за текстовите, кои би биле испечатени во книга. Промоцијата на книгата би се одржала за времетраењето на Интернационалниот фестивал на монодрама, а од следната година, Центарот за култура од Битола би се јавил како продуцент на монодрамска театарска претстава, базирана на овие текстови.
Можеме да посведочиме дека монодрамата навистина има свои почитувачи и овој проект би ги афирмирал, пред се домашните автори, во овој жанр од театарот и литературата.
Конкурсот ќе трае до 30-09-2023 год. Ракописот мора да биде на македонски јазик и неговото кирилско писмо, анонимен со шифра и испратен преку пошта на адреса на НУ Центар за култура 7 000 Битола, со назнака –за монодрамски текст-да се испраќаат по три печатени примероци, а со четвртиот ќе се докажува сопственоста.
Одлуката на жирито ќе биде објавена во текот на месец декември, 2023 год.,преку веб страната на НУ Центар за култура,Битола,како и во електронските и печатените медиуми.