Home » Психологот Марија Младеновска-Димитровска: Повеќе од неопходно е да се вратат вистинските човечки вредности во ова време-невреме

Психологот Марија Младеновска-Димитровска: Повеќе од неопходно е да се вратат вистинските човечки вредности во ова време-невреме

by culturalchat

„Јавноста,како и секогаш, кога ќе се случат вакви трагедии со ненадоместливи и разорни последици, е поделена и бара виновници, правда, осуда. Во овие тешки моменти кои ги преживуваме сите и кога неминовно секој од нас си го поставува прашањето Што ни се случува со децата? Што ли се случува кај нас и во светот? И како училиштата ни станаа мета на масакри? Треба многу внимателно да изнесуваме изјави, ставови и за заземаме навивачки став за линчување. Треба особено да сме внимателни и како се известува во медиумите за тоа, зашто со тоа не постигнуваме ништо, туку правиме уште еден јавен атак на насилство и негова медиумска “промоција“, вели м-р Марија Младеновска-Димитровска, магистер на клиничка и советодавна психологија, а по повод разговорите кои периодов ги правиме со реномирани психолози од Битола, после немилите настани во Белград. Сите се прашуваме што доведе до тоа момчето од Белград да стане ладнокрвен убиец? Покрај тоа, тој не покажува ни трошка каење, всушност му е жал, затоа што не успеал да ги убие сите на својот список кој го подготвувал еден месец. На оваа тема м-р Марија Младеновска-Димитровска додава:

„Навистина во едни вакви околности, е многу тешко да се коментира трагедијата која се случи во Белград. Многу е тешко човек да даде соодветна проценка и коментар и притоа да направи дистинкција помеѓу професионалната проценка и она што го чувствува како човек, особено во едни вакви околности, непосредно по една ваква човечка трагедија. Во секој случај треба прво да оставиме на истрагата да ги даде фактите и да заврши психијатриското вештачење на детето што го направи масакрот. Но, од она што до сега јавноста имаше можност да слушне како го извршил масакрот, планирањето на масакрот,упатува можеби на одредено психичко пореметување.Не би сакала да навлегувам во доменот на психијатријата, но се упатува на одредено пореметување на личноста. Се појавија шпекулации дека детето кое го изврши овој грозоморен чин било жртва на врсничко насилство. Но дури и да било така,многу мала е веројатноста децата кои биле жртва на психичко и физичко насилство да направат ваков грозоморен масакр, можеби изолиран чин на насилство кон насилниците кои ги малтретирале – да, но вакво сериско убиство многу мала е веројатностада се случи. Повеќе е веројатно дека станува збор за одредено пореметување на структурата на личноста на детето, која била добро камуфлирана и невидлива за средината, со оглед на високата интелигенција, одличниот успех и добрата фасада на личноста, како и високата манипулативност која е карактеристика на психопатските структури. Сепак, ќе оставиме на психијатрите да направат психијатриско вештачење и да дадат стручна психијатриска процена на личноста на извршителот, но и самиот грозоморен чин, планирањето, подготовките, списоците за отстрел,упатуваат на сериозно психолошко пореметување на личноста, што ако било проследено и со врсничко насилство тоа би било само тригер кој го покренал грозоморниот чин.

Она што како психолог ме загрижува како сето тоа поминало незабележано од околината, од стручните служби, родителите, наставниците, со оглед на тоа дека и менувало училишта и како никој не се нашол, потемелно да поработи со детето, да се направи некаква психолошка процена и да се преземат мерки како  би се спречил масакрот. Како никој не забележал некакви првични знаци дека има детето некаков проблем. Некогаш постојат тие првични сигнали како повлеченост, прекумерна осетливост, емоционална нестабилност, некои знаци на стрес и вознемиреност, агресивност или пасивна агресивност. Но и ова го кажувам со резерва, зашто праксата на оние кои се занимаваат со проучување на криминалистиката и психијатриската форензика на сериски убиства и масакри покажува дека многу тешко можат да се предвидат и да се превенираат, и предвреме да се детектираат без послабока психијатриска анализа натаквите   структури на личноста, зашто многу вешто се камуфлирани, невидливи за средината и тие луѓе се исклучително манипулативни и високо интелигентни. Низ историјата имало бројни примери на серискиубијци кои направиле невидени злосторства кои имале висока интелигенција, висок општествен статус, т.н. “беби фејс“ односно детско, наивно лице, па биле дури и омилени во средината и лидери.

Што да се направи во случај на булинг?

M.М.Д.- Па доколку е видлив булингот од средината мора да се интервенира под итно. Не треба да се минимизираат поплаките на некое дете кога ќе се пожали на булинг. Секоја поплака и знак на булинг треба да се разгледа сериозно, без оглед  колку тоа нам како возрасни ни изгледа дека е банално и детска игра. Тоа кај секое дете остава различни траги и болка и различно се доживува. Треба внимателно да се опсервираат однесувањата на децата, да се следат од страна на возрасните. Да се интервенира превентивно преку едукативни работилници, предавања и за децата и за наставниците и родителите. Децата да научат пред се што се е булинг, да знаат да го препознаат, да ги препознаваат различните форми на булинг пред се психичкото насилство и сајбер насилството, да се охрабрат да го пријават булингот кај стручните служби во училиштата, кај родителите и наставниците. Да немаат страв или срам од стигматизација или осудување од средината или страв од насилникот. Сите кои имаат какви било сознанија дека  некое дете е жртва на булинг, ако не преземе нешто и не го пријави, со самото тоа станува соучесник и се прави двојна виктимизација на жртвата. Во ситуации на булинг подеднакво е важно стручните лица да работат и со жртвата и со насилникот. Зашто и насилникот е лице на кое му е потребна психолошка помош и поддршка. Не ретко се случува дете кое било жртва на булинг, подоцна  и самото тоа од жртва да се претвори во насилник, токму поради фактот што веќе не знае на кој начин да се справи со насилството.

Кој би бил Ваш совет до родителите во врска со воспитувањето денес? 

M.М.Д.- Па, за жал, морам да констатирам дека денес ние ја изгубивме воспитната компонента и како родители и како наставници. Ние ги препуштивме децата на сајбер просторот, каде се изложени на се и сешто, ги оставивме сами на себе, доволиме сајбер просторотда ги воспитува, поучува, што е страшно. Го срозавме авторитетот и почитта кон родителите, наставниците и сите возрасни. Наместо знаење им даваме незнаење и оценки, наместо воспитание – протекционизам, лажни вредности, наместо разбирање и топлина – осуда, неразбирање, омаловажување, неправда, игнорирање. Наместо одговорност и моќ да одлучуваат за својот живот и да се борат, им дадовме неодговорност, чувство на осаменост и оттуѓеност, немоќ и помирување дека така мора да биде, оти сите така прават и дека ова е новото модерно време-невреме. Преголемиот заштитнички однос од родителите кон децата исто така креира слаби, неодговорни личности кои се неподготвени за живот и секогаш ќе го бараат полесниот пат со целта. Тоа е наша одговорност како возрасни индивидуи и како општествен систем.

Насилството во сите облици вербално, физичко и сексуално ни стана начин на однесување и комуникација. Ненормалното ни стана нормално, неморалното морално, бесрамноста – кодекс на однесување. Ги препуштивме на сајбер просторот, социјалните мрежи, видео игрите и виртуелната реалност да ни ги воспитуваат децата и за тоа сносиме одговорност сите како општество и воопшто како цивилизација. За жал, ние креиравме реалност која е насилна и насилството е толку застапено насекаде, во медиумите, во секојдневната комуникација, така што практично ни стана образец на однесување и општествено прифатлив начин на решавање на проблемите и нашите фрустрации. Тоа само по себе не значи и дека секој од нас би посегнал по оружје да решава проблем, но сепак како образец на однесување насилството стана општествена парадигма.

Ова веќе не е крими сценарио од грд американски филм, туку ужасна реалност, креирана од секој од нас без исклучок. Сите ние го создадовме мозаикот на распадот, на сеопштиот распад. Зашто сите немо или активно учествува(в)ме во разнебитувањето на се што беше убаво, вредно и добро во минатото. И ова не е носталгија за минатото, туку последен крик за една поубава иднина да им создадеме на нашите деца и да ги спасиме од понорот во кој ги втурнавме и да ги спасиме од црната дупка на современото општество и технологијата која полека не проголта сите. Ги изгубивме децата и веќе ја плаќаме најскапата цена како цивилизација во историјата на човештвото.

Совет за родителите е дека веќе е крајно време децата да си ги ставиме на прво место без исклучок и без изговори. Не е излитена фразата дека децата се највредното што го имаме и сме го создале во нашите животи. Се додека не се вратиме на вистинскиот пат и да ги вратиме вистинските човечки вредности во ова време-невреме, децата ќе ни живеат во виртуелната реалност и меѓу себе ќе ни се (само)убиваат. Треба внимателно да ги набљудуваме нашите деца што им се случува во животот, зашто многу пати некои работи остануваат скриени за блиските. Да најдеме време да ги сослушаме што им се случува во нивните кревки души и што им се насадило во нивните невини срца икаква болка или тајна кријат, дали можеби се жртви наразни предатори од сајбер просторот или жртви на булингот од своите врсници или нешто друго им се случува.

Колку според Вас, Тик-Ток и сличните платформи делуваат на вакви случаи?

M.М.Д.- Се разбира дека делуваат пред се на тоа децата доколку се толку навлезени во таа виртуелна реалност по пат на имитација да прават одредени недозволени работи, да се идентификуваат со ликови од виртуелната реалност или да задоволуваат одредени егзибиционистички потреби, потреби за внимание итн. Иако не би морало да значи дека токму тие платформи се причината за грозоморни масакри. Но, сепак, можат да бидат тригерот кој ќе се надоврзе и на некои внатрешни психички пореметувања или средински поттикнати фактори. Во секој случај децата кои се препуштени на дигиталната реалност некогаш знаат  толку да бидат навлезени, особено ако станува збор за деца од помала возраст, да не знааат да прават разлика меѓу виртуелното и реалното.

Оружје дома да или не?

M.М.Д.- Дефинитивно едно големо НЕ. Оружје по никоја цена. Доколку би се запрашала јас или би имала некаква моќ да одлучувам категорично сум против оружјето.  Сведоци сме што се може да се случи. Сериозно треба да се ограничи издавањето дозволи некој да поседува оружје. Затоа што еве сведоци сме дека САД се една од државите во светот кои имаат најмногу оружје по глава на жител, говорам за оружје издадено со дозвола, а настрана и нелегално оружје, а во исто време гледаме дека во светски рамки предничат во бројот на убиства и особено во бројот на вакви масовни убиства и масакри во училиштата, што ни говори дека оружјето никого не заштитило, баш напротив.

Настрана што и критериумите за издаваме оружје со дозвола се лабави и дискутабилни, а правилата за чување на оружјето се повеќе од небулозни. Чуму некој да поседува дозвола за оружје дома, ако треба да го чува заклучено во сеф, а настрана муницијата. Доколку и би имало потреба да се заштити од некој напаѓач не би имал време за да се одбрани, а бројните несреќни случаи и трагедии на вакви злоупотреби на оружјето било од страна на тој што ја има дозволата или некој негов близок, покажуваат дека небулозна и опасна е потребата да се поседува оружје. А достапноста на нелегалното оружје и колку е лесно да се набави нелегално оружје е веќе друга тема. Исто така, и здравствената проценка за издавање дозвола за носење на оружје е дискутабилна, ако знаеме како се вадат лекарски уверенија. Исто така, фактот дека дозволата за оружје се издава со рок на важење од 10 години е предолга, ако знаеме дека во животот на еден човек се случуваат секакви настани, промени, трагедии кои оставаат психолошки промени во менталното здравје и дека еден човек во рок од десет години може да има значителни промени во својата психичка состојба. Затоа е потребно поригорозни закони за добивање дозволи за поседување на оружје и поголема контрола на шверцот на нелегалното оружје, но  тоа е тема за други институции.

 

 

Related Articles