На Вториот концерт од Денови на македонска музика, камерниот оркестар „Профундис“ и солистите ги изведоа делата на македонските композитори и тоа: Гоце Коларовски, Гоце Гавриловски, Дарија Андовска, Фатос Лумани, Ангел Спироски. Во камерната сала на Филхармонија, концертот беше под диригентска палка на Ѓурѓица Дашиќ. Како солисти настапија нашите почитувани и реномирани уметници Владимир Костов на виолина и Фана Спиркоска на виола.За делото „Скрб за гудачки оркестар“, професорката Викторија Коларвоска, сопруга на сега починатиот композитор и професор Гоце Коларовски, напиша: „Делото е создадено пред 30 години и премиерно изведено исто така во март – на 30 март 1994 г. од Камерниот оркестар на МРТВ под диригентска палка на големиот Фимчо Муратовски. Морам да признам дека не сум го разбрала веднаш ова дело, требаше време и повеќе слушања за да ја почувствувам посебноста на „драматургијата на состојбата“, исклучителната соодветност на идејата и употребената полифона техника заснована врз слободните имитации и внатрешниот „растеж“ на музичкото ткиво преку отслојувања на линиите и одвојувања-собирања на тематските елементи. „Ехата“, резонантните созвучја, ефектот на запреното време преку постојано присутните педали и „кружење“ на еден единствен мотив, а од друга страна, спротивниот ефект на бескрајноста на времето и просторот создаден со истите средства, врз сето тоа – осамениот индивидуален „глас“ кој трогнува со своето кревко ламенто/тажалка, а се‘ заедно делува исклучително силно и сугестивно. Се разбира, со соодветен пристап на изведувачите, што и се случи вечерва со ова и другите дела на концертната програма извонредно донесени со своите замисли и специфики на реализацијата“.