Home » Професорката Даниела Андоновска Трајковска од Битола наградена во Романија

Професорката Даниела Андоновска Трајковска од Битола наградена во Романија

by culturalchat

Реномирана поетска награда, златен медал за заслуги во областа на културата во национални и меѓународни рамки се вклучени во богатиот творечки опус на професорката д-р Даниела Андоновска-Трајковска од Педагошкиот факултет – Битола.

На Светскиот поетски фестивал во Крајова, Романија, таа јa доби престижната награда за поезија „Михаи Еминеску“ за 2023 година, што ја доделува истоимената меѓународна академија на чело со универзитетскиот професор д-р Јон Деаконеску и Европската академија на науките, уметностите и хуманистичките науки.

Според академската рецензија,професорката Андоновска-Трајковска поетската награда ја  доби за нејзиниот оригинален стил на пишување кој ги осветлува секојдневните аспекти на животот и постоењето. На  Фестивалот што се одржа од 16. до 21. јуни 2023 учествуваа триесет и двајца значајни поети од целиот свет (САД, Шпанија, Чиле, Мексико, Аргентина, Белгија, Сенегал, Конго, Србија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Романија, Косово, Италија, Индија, Македонија и Бразил). Професорката од Педагошкиот факултет – Битола, д-р Даниела  Андоновска-Трајковска, покрај наградата „Михаи Еминеску“ за поезија, доби и Златен медал за заслуги во областа на културата во национални и меѓународни рамки, а беше прогласена и за амбасадор на културата.

Деновиве исто така излезе и нејзината поетска книга на романски јазик со наслов „Човечињата од хартија и Бог“ во издание на познатата издавачка куќа од Букурешт „Еикон“ во препев на реномираниот романски поет, преведувач и уметник Константин Северин. Корицата е дизајнирана со слика од реномираниот полски уметник Витолд Закржевски.

Рецензијата за книгата е напишана од д-р Елена-Брандуша Штеичиц, професор по литература на Универзитетот „Штефан цел Маре“ од Сучеава и член на Научното друштво на Романија која истакна дека книгата се одликува со својата оригиналност во стилот и модерниот израз, а Андоновска-Трајковска е значајна поетеса во светски рамки со големо влијание врз книжевноста и градењето на вкусот кај читателската публика. Поетската книга „Човечињата од хартија и Бог“ од професорката д-р Даниела Андоновска-Трајковска беше претставена на Фестивалот „Михаи Еминеску“ на 20 јуни во Крајова, а на 24 јуни 2023 беше промовирана и на Меѓународниот саем на книгата „Alma Mater Librorum“ во организација на Универзитетот „Штефан дел Маре“ во Сучеава од страна на издавачот, Валентин Ајдер, и универзитетските професори д-р Елена-Брандуша Штеичиц и д-р Мирчеа А. Дикону, проректор на Универзитетот.

 

 

 

Related Articles