Home » Протест на здруженијата за заштита на животните во Скопје

Протест на здруженијата за заштита на животните во Скопје

by culturalchat

„И ние не сакаме да има бездомни животни, ама тоа не се решава ни со пушка, ни со отров, ни со крадење пари“.

На 13-ти јануари со почеток од 16 часот, пред Владата на Република Македонија, здруженијата за заштита на животните организираат голем протест под мотото „ Не сте безбедни во својата држава, ајде да пробаме по наше“. Протестот е по повод стравотниот настан кој се случи во Струга кога човек со пушка усмрти неколку кучиња.

Го пренесуваме повикот за протест во целост:

„Протест за да се сопре убивањето и мачењето на кучиња, казна за злосторникот

Ги повикуваме сите граѓани  да излеземе во петок како револт за немилите настани каде беа пукани и убиени кучиња во Струга.

Ве повикуваме сите да покажеме дека вака веќе не може и дека нема да молчиме на злосторствата кои се случуваат пред наши очи! Дојдете во Петок со транспаренти, со свирчиња,со црвена боја во било која форма како симбол за сите невини убиени животни бидејќи ние сме гласот на сите безгласни невини души. Уморни сме, бесни сме, нема да прифатиме ова да биде новата нормалност.

При здрав разум се правиме глупави, а психопатите ги “превземаат работите во свои раце”. Не решаваат ништо освен да ја задоволат нивната потреба за изживување врз животни!

Доста беше, крај. Го знаеме решението: Каде се ветените државни шелтери?

Каде е задолжителното микрочипирање на својот миленик?

Што тој микрочип вреди кога никој не се казнува?

Каде е задолжителната стерилизација/кастрација на милениците која за

Помалку од три години би го решила проблемот со бездомните кучиња?

Кој прашува, кој казнува, кој ќе ги запре оние локални “љубители” што

сакале кучката да биде мајка па ја оставаат да се пари секоја сезона, оние што го пуштиле песот “да се испразни”, оние што фрлаат прегладнети болни загари, оние што се отарасуваат од кучето во кола и го оставаат каде било, оние што организираат борби па фрлаат опасни кучиња кои веќе не им носат профит?

Што правиме со локалните психопати како овој што се дрзнуваат да пукаат, да мачат, да врзуваат, да газат, да се изживуваат, да дават и задушуваат бебиња? Зошто нема кој да ги казни нив?

И дали се бездомни воопшто овие глутници? При здрава свест, карактеристика која нѐ издвојува од животинскиот свет, ние се правиме глупави.

Пола од глутницата се кучиња со “сопственици”. Каде е нивната одговорност??? Зарем кучињата се криви? Имаат ли тие кучиња лична карта, адреса и способност за расудување па нив да ги обвинуваме? И ние не сакаме да има бездомни животни, ама тоа не се решава ни со пушка, ни со отров, ни со крадење пари. Пробавте, еве. Решен ли е проблемот?

Драги љубители на животни. Ве повикуваме на мирен протест, за да дадеме глас на безгласните животни! Како што сите сме сведоци, насилството врз нив не престанува, тука само станува се покрволочно, што можеме да го видиме по последниот случај во Струга. Изживувањето и убивањето на бездомните животни мора да запре!
Затоа, дојдете заедно со нас, да покажеме дека уште има луѓе во нашава држава и да се обидеме да ги разбудиме заспаните државни институции!“.

 

 

 

 

Related Articles