Home » Промоција на романот „Толку темно“ од Сашо Димоски во книжевниот клуб UTOPIA

Промоција на романот „Толку темно“ од Сашо Димоски во книжевниот клуб UTOPIA

by culturalchat

Денес, со почеток од 19:00 часот, книжевниот клуб UTOPIA во Битола ќе биде домаќин на промоцијата на новиот роман „Толку темно“ на драматургот и прозен автор Сашо Димоски. UTOPIA и овој пат останува верна на идејата книжевноста да се живее одблиску, како разговор, размена и заедничко искуство. Настанот е уште едно поглавје во програмата посветена на современата македонска литература, со акцент на автори кои имаат препознатлив, моќен глас.

Сашо Димоски е драматург, прозен автор и универзитетски професор, чии текстови одамна имаат сопствен пулс и препознатлива поетика. Неговите драми се играат на домашни и странски сцени, преведувани се на повеќе јазици, а прозата му е забележана со бројни критики и награди. Димоски важи за еден од најинтересните претставници на новата книжевна генерација, автор кој умее да ја спои драмската напнатост со прецизен, кус и силен јазик. Романот „Толку темно“ не се движи по класични романескни правила. Наместо линеарна приказна, читателот следи патување на човек низ градови, векови и внатрешни состојби:
Троја. Рим. Константинопол. Амстердам. Париз. Мадрид. И, конечно тука, овде. Книгата зборува за движење и припадност, за историјата што ја носиме во себе и за денешниот здив на градовите во кои живееме. Ликот станува мапа составена од сопствени доживувања, загуби и надежи, а јазикот на Димоски останува чист, точен и драмски концентриран, оној тип на проза што го повикува читателот да чита бавно, внимателно и повеќепати.
На промоцијата во UTOPIA Book Club публиката ќе има можност да го проследи разговорот со авторот во неформална, блиска атмосфера, да слушне читање на избрани фрагменти од романот и да се вклучи во отворената дискусија за темите на книгата и се разбира да ужива во книжевно дружење и писле промоцијата во духот на UTOPIA, каде литературата и градот се спојуваат во едно искуство.

Related Articles