На 27. август 2025 (среда), со почеток од 19 часот, во Офицерскиот дом во Битола, ќе се одржи промоција на Монографијата за Кире Костов. Токму во градот каде тој ги направи првите музички чекори, ќе биде промоцијата за маестрото, трубачот, композитор, аранжер и диригент чијшто звук остана дел од колективното паметење на Македонија.
Монографијата претставува сведоштво за неговиот творечки опус – од првите композиции, преку долгогодишната работа во Танцовиот оркестар на МРТ, до неговите најпознати песни кои станаа културно наследство. Таа е и омаж на еден живот исполнет со музика, посветеност и љубов кон уметноста.Настанот ќе ја собере публиката, семејството, колегите и пријателите за да му оддадат почит на човекот кој ја носеше Битола и Македонија во својот опус. Семејството истакнува благодарност до Општина Битола за поддршката на овој настан.
„Кире Костов – лет на ноти и спомени“ е покана да се потсетиме дека големите уметници никогаш не заминуваат – тие остануваат во секој тон што и понатаму одекнува.