Home » Промоција на книгата „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“ во Битола

Промоција на книгата „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“ во Битола

by culturalchat

Во рамките на одбележувањето на роденденот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, во среда, на 25 март, ќе биде промовирана најновата научна книга од областа на медијавистиката, насловена: „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“, од проф.д-р.Зоран Пејковски.

„Станува збор за труд кој произлезе од долг истражувачки процес и научен ангажман, насочен кон продлабочено согледување на ликот, делото и духовното наследство на Св. Климент Охридски, но и неговата рефлексија во современата македонска културна и творечка стварност. Книгата има за цел да ги осветли начините на кои овој голем македонски просветител продолжува да инспирира и да живее во современата книжевност, уметност и културна мисла“, истакнува Пејковски.

Објавувањето на делото е поврзано и со два значајни јубилеи: 1.140 години од формирањето на Светиклиментовиот универзитет во Охрид и 1.110 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски – еден од темелните столбови на словенската писменост, духовност и образование, чиј придонес има трајна вредност не само за македонската, туку и за пошироката словенска културна традиција. За книгата ќе говори рецензентот, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, која во својата оценка истакнува дека трудот нуди нови и оригинални согледувања за духовниот и книжевниот профил на Св. Климент, при што особено се нагласува неговото континуирано и динамично присуство во современата македонска култура. Според неа, книгата претставува значаен придонес во современите медијавистички истражувања и отвора простор за понатамошни научни интерпретации.

Related Articles