Во Битола во Book’s house, се одржа промоција на најновата книга на Весела Богдановиќ со наслов „Остров на тишината“ . Се работи за прв роман за возрасни со оглед на тоа што авторката е препознатлива по книгите за деца, во издание на Антолог. Роман кој буди голема заинтересираност кај читателите на авантури, трилери, мистерии протакени со летна романса.
„Го напишав за неколку месеци, некогаш пишував до утрото, бидејќи не можев да застанам, а и искрено се плашев да не се изгубам или да не ми се изгуби мислата. Пред очите си гледав филм, авантуристички, мистериозен, каков што би сакала да гледам, ги „гледав“ сцените, бев „таму“ и навистина уживав, си го пишував за своја душа“, истакна авторката за Читај бе. Лектор на книгата е Љубица Севдинска, а главен уредник на истата е писателот Жарко Кујунџиски.
Се започнало од желбата на авторката за посета на Островот Сазан, кој го видела од брегот на Валона.
„ Од тој ден постојано го истражував, напуштениот град посебно ме интересираше. Чудно ми беше како островот не е искористен за туризам, за хотели… зошто е ретко дозволен за посети и тоа од само еден час. Има интересна историја и мистериозна сегашност и правев планови како да стигнам до него бидејќи за време на неколку мои кратки екскурзиии во Валона бродовите немаа дозвола за посета на островот, а до 2015 година бил строго забранет за пристап“, додава Богдановиќ.
Предизвик за љубителите на авантуристични приказни – неизвесност зачинета со летна романса. „Четворица туристи од Франција и од Англија учествуваат во предизвик што го прочитале преку социјалните медиуми. Не ги слушаат предупредувањата на старицата од пансионот чиј покоен сопруг бил еден од стражарите на „забранетиот град“ во времето кога се случило нешто за кое се молчи. „Градот не смее да се вознемирува“, ги советува таа. Некој од туристите смета дека се работи само за суеверие, друг прифаќа да оди надгласан од групата, трет живее за авантура, иако не се познаваат добро меѓу себе.
Островот Сазан во близина на Валона е популарна туристичка дестинација, опкружен со тиркизни води и уникатна плажа и познат по сочуваниот напуштен град, целосно забранет за пристап до 2015 година, а сега достапен единствено за организирани краткотрајни посети. Напуштениот град можеби и не е напуштен… која е тајната на „Островот на тишината“? е дел од дејствието во книгата.
Весела Богдановиќ е автор на книгите за деца: Збирката детски бајки „Магични стапчиња и шарени лижавчиња“ од Просветно Дело, интерактивната бајка „Тајната на Сината Самовила“, „Книга на тајните“ – креативен прирачник за социјален и емоционален развој од Просветно Дело, „Чудо од визбата“ – бајковит прирачник за креативно размислување, претприемништво и медиумска култура во издание на ГАУС институт за иновации, „Авантурите на госпоѓицата жолтоперковска“- детски роман во издание на ГАУС институт за иновации.