Home » Промоција на книгата „Големиот воин и неговата ќерка“-разговор со авторката Дијана Неделковска

Промоција на книгата „Големиот воин и неговата ќерка“-разговор со авторката Дијана Неделковска

by culturalchat

Во КИЦ, во Офицерскиот дом беше промовирана Биографијата за спортската легенда и татко на Кик Боксот и бројни боречки вештини и спортови во Македонија – Златко Неделковски [ 196O – 2O2O ], учител – спортски работник – сопруг и татко, но пред се битолчанец, книгата е насловена “Големиот воин и неговата храбра ќерка”, а напишана од неговата ќерка Дијана.

Дијана е родена во Битола и е  афирмиран спортист исто како и нејзиниот татко. Тргнувајќи по неговите стапки станува учител со висок ранг во низа боречки вештини и спортови, а лично формирала целосно уникатни, свои методологии и програми за работа со најмладите и со понежниот пол. Таа е исто така и активен спортист односоно, трикратен светски шампион во дисциплината екстремна самоодбрана во апсолутна категорија [ мажи и жени над 18 години ] во три засебни светски организации и асоцијации за боречки вештини и спортови.

Менаџирајќи меѓу образованието, личниот живот и спортската сала, од мало љубопитно девојче израснува во жена која е професионален спортист.Посветено ја води светски познатата Академија за боречки вештини и спортови „ЗА – НЕД – ДО“ во Битола, која по загубата на нејзиниот татко е преименувана во „Златко Неделковски“.

Како некој кого учителот Златко Неделковски го има избрано за свој наследник, произлезе и логиката личноста што најдобро го познаваше да има легитимитет да биде автор на биографијата за овој голем човек. На промоцијата истакна: „Во животот за сите нас постои само една опција – опцијата “A” т.е. да продолжиме понатаму. А токму од таа опцијa и од една болка – една преголема љубов на еден татко и неговата ќерка и нивната професионална и приватна поврзаност произлезе и приказната за “Големиот воин и неговата храбра ќерка“.

Каков беше предизвикот да се напише книга?

Д.Н.- Со оглед на тоа дека книгата ја започнав по само два месеци од смртта на мојот татко, беше премногу тешко. Тешко е да ги извадиш емоциите на парче хартија, оние истите емоции кои толку многу сакаш да ги потиснеш длабоко во себе, затоа што и сам знаеш колку многу болат и да, премногу е тешко да пишуваш за човекот кој толку многу го сакаш, а веќе не е покрај тебе. Но желбата и љубовта да оставам дело кое ќе трае засекогаш  беше посилна дури и од болката.

На промоцијата истакна: „Полесно ми е сега да влезам во рингот отколу да зборувам пред сите вас. Имаше ли помош од некој при пишувањето на книгата?

Д.Н.- Некако се што се случува во нашето семејство е резултат на  на тимска работа. Така беше и со книгата. Идејата за насловот и начинот како ќе биде напишана беа мои, нормално тука многу ми помогна мојата мајка за делови од животот на мојот татко кои се случувале пред јас да се родам, а додека мојот брат беше задолжен за се останато до процесот на самата реализација и промоција на истата. Сплотени во едно и во добро и во лошо, тоа е сме ние, малечко скромно семејство.

Колку време ја пишуваше истата и што те водеше напред кон следната страница?

Д.Н.- Книгата ја пишував некаде околу 7 до 8 месеци, со оглед на тоа дека имаше месеци каде што не можев да напишам ниту еден збор, а истата ја завршив на 28 Август, на празникот Голема Богородица.  Зошто баш токму на овој празник искрено не знам, ете  можеби така требало да биде. Љубовта беше така која ме водеше напред низ целиот процес, од првата буква па се до промоцијата, но љубовта е и таа која ме води низ животот.

Како ја доби идејата за книгата?

Д.Н.-Искрено никогаш немав идеа дека треба да напишам книга за мојот татко, но гледајќи ја  болката на мајка ми, на брат ми и болката на неговите ученици со кои по само 5 дена сите заедно се вративме во салата, неговото најомилено место, почувствуввав дека треба да направам нешто, нешто што ќе остане засекогаш.

Вие бевте посебно поврзани, и Диди го наследи и нејзиниот татко во спортот и е повеќекратен светски шампион. Колку емотивен процес ти беше целото пишување на книгата?

Д.Н.- Една буква, една солза моја, ете толку емотивен беше целиот тој процес на пишување. Ова не е само книга, ова не е само обична биографија за еден светски познат и признат мајстор за боречки вештини, ова е книга напишана со многу емоции, многу љубов но и многу болка. Ова е книга што ќе остане засекогаш, покрај сите нас и книга поради која вечно ќе живее споменот на големиот мајстор и учител, а воедно и таткото на Кик Боксот во Македонија/ Златко Неделковски.

Што е порака во истата?

Д.Н.- „Големиот Воин и Неговата Храбра Ќерка“ е една тажна животна приказна исполнета со многу љубов.  Не случајно е напишана така како што е напишана, затоа што многу често сите ние  гледаме што плови над океанот, но никој од нас не знае што има под него. Желбата ми беше да биде книга за сите генерации. Децата да ги извлечат највредните животни лекции, а додека возрасните ќе се запознаат поблиску со животната приказна на мојот татко и неговата борбата низ животот за да биде она што и беше – човек на кој и светот му се поклонуваше. Книгата крие многу скриени пораки, за да ги пронајдете треба внимателно да ја прочитате.

“Големиот воин и неговата храбра ќерка” е биографија, но и книга за семејството Неделковски – книга за сите вас – книга за сите минати – сегашни и идни членови – книга за сите соработници и пријатели – за народот – книга за Златко Неделковски“, беше истакнато на промоцијата. Златко Неделковски беше роден во Битола – живееше и работеше во и за Битола, а во Битола е и неговиот вечен дом.  Татко на Кик Боксот во Македонија, но и низа боречки вештини и спортови кои не само што ги изучил и донел од светот во нашата Македонија – нашата Битола туку ги усовршил и им ги вратил на светот подобри и поквалитетни.

Пред 4О години го формирал Кунг Фу Клубот “Битола” , пред 3О години го формира Кунг Фу – Фул Контакт Сојузот на Република Македонија. Неделковски пред 5 години и официјално станува легенда во боречките вештини и спортови со впишување на неговото име како татко на Кик Боксот во Македонија во првиот учебник за боречките спортови и вештини наменет за идните професионални спортисти при Факултет за физичко образование – спорт и здравје.

Основач е на светски познатата и признаена Академија за боречки вештини и спортови “ЗА НЕД ДО” која постои веќе 25 години а од минатата година е именувана по него. На промоцијата присуствуваа членови на семејството и бројни пријатели и почитувачи на овој голем човек.

 

 

Related Articles