На Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ се одржа промоција на два зборници во издание на Катедрата за славистика при Институтот за славистика и балтичка филологија, објавени во реномираната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae Slavicae)”. Приредувач на двете изданија е м-р Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова. Зборниците ги промовираше проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кој истакна дека се работи за многу значајни дела кои пренесуваат повеќе аспекти од македонската наука за македонскиот јазик и литература. Тоа се први зборници од ваков тип издадени на унгарски јазик, кои предизвикаа огромен интерес кај унгарските лингвисти, теоретичари на книжевност и студенти. Приредувачот на зборниците, Златко Панзов кажа дека намерата на зборниците е да побудат интерес за македонското јазично прашање и историјата на македонската литература, да отворат видици и прашања кај читателите на истите. Резултатите го изненадиле и самиот приредувач, за кратко време се исцрпиле тиражите, па во наредната година се планираат дополнети втори изданија. Анамарија Цинеге-Панзова се осврна на предизвиците околу преводот на текстовите од зборниците, за нејзиното уживање во пренесување на мислата на Конески, но и идеите и размислите на Мисирков на унгарски јазик. Присутните се интересираа за идејата за зборниците, процесот на нивното создавање, општо за преведувачката дејност на преведувачкото дуо Панзови и нивниот огромен опус на преведени дела од унгарски на македонски и македонски на унгарски јазик. Зборникот Блаже Конески „За македонскиот јазик“ (Blazse Koneszki: A macedón nyelvről) е издаден по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Во содржината на Зборникот се вбројуваат предговорот на Златко Панзов, како и текстовите на Блаже Конески: „Развојот на македонскиот литературен јазик”; „Афирмација на македонскиот јазик” и „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици”. Во Зборникот е приопштен и текстот „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик” од Крсте Петков Мисирков, а публикацијата содржи фотографии од првите изданија на граматиката од Блаже Конески, од Македонскиот правопис, од Решението за воведување на македонската азбука, како и од оригиналната корица на книгата „За македонцките работи”. Зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik) е сочинет од пет научни статии посветени на низа книжевно-научни и културолошки теми: „Епската и арс-поетиката на Блаже Конески”; „Огнот и водата во лириката на Ацо Шопов” од Владимир Мартиновски; „За некои особености на книжевната критика на Коста Солев Рацин” од Иван Антоновски; „Женска книжевна архива – од усно творештво до (пост)феминистично писмо” од Ана Мартиноска и „Млада македонска поезија” од Звонко Танески. Рецензенти на објавените трудови се Иштван Лукач и Дарин Ангеловски.
Промоција на два зборника од исклучително значење за афирмација на македонистиката во Унгарија
previous post